Министерството за внатрешни работи (МВР) вечерва соопшти дека е приведено лице со иницијали Н.Н. од Скопје поради постоење сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје.
„Во координација со надлежното обвинителство се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаваат од МВР.
Истовремено, оттаму посочија дека заканите за поставени бомби во девет училишта во Скопје кои стигнале до нив преку електронските адреси биле лажни. Околу 14:30 часот денеска во полиција стигнала пријава од шест училишта за закани за бомби, во 15 часот пристигнале пријави од уште две училишта, а потоа уште од едно училиште во градот.
Минатата недела во неколку наврати до неколку средни училишта во градот пристигнаа дојави за бомби кои беа лажни. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно посочи дека пораките со лажните пријави за бомби се испратени од странство.