МВР со кривични пријави за кршење на полицискиот час во Ченто, сега ги идентификуваат лицата кои излегоа на протест

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, информираше дека се поднесени три кривични пријави за синоќешното прекршување на полицискиот час во Ченто, а дополнително се утврдува идентитетот на лицата кои потоа излегле на групен протест во скопската населба.

Чулев информираше дека полицијата реагирала околу 21 часот, кога на социјалните мрежи се појавиле фотографии од групирање на лица на улицата „Алија Авдовиќ“ во Ченто. При полициска контрола на местото била забележана група од осум лица, по што три лица биле приведени во полициска станица, за понатамошно постапување, додека другите побегнале. Меѓу приведените лица бил и советник во Општина Гази Баба. Од МВР за приведените веќе поднеле кривични пријави за непочитување на ограничувањето на движење.

Истовремено со приведувањето, голема група граѓани од населбата излегла на протест во текот на полицискиот час.

„Околу 22 часот, на местото каде претходно беа лишени од слобода трите лица се собрала поголема група луѓе, чиј мотив за собирање е лажната информација дека овие лица се физички малтретирани во полициската станица и дека биле лишени од слобода во своите домови. Потенцирам дека двете информации не се точни и тоа е потврдено во исказите на лицата лишени од слобода“, рече Чулев на пресконференција.

По изготвената соодветна документација, приведените лица се пуштени од полициската станица, а насобраната група граѓани се разотишла без полициска интервенција.

„МВР во текот на денешниот ден презема активности, при што обезбеден е видео запис за кој се спроведува детална обработка и анализа со цел пронаоѓање и идентификација на лицата кои го нарушувале јавниот ред и мир и вршат кривични дела и не ги почитуваат законите и одлуките на Владата, за што ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. А за оние кои јавно упатуваат повик за непочитување на ограничување на движењето, по утврдување на нивниот идентитет, ќе бидат поднесени две кривични пријави за поттикнување и непочитување на одлуките на Владата. Нагласувам дека за дел од лицата веќе е утврден нивниот идентитет“, додаде Чулев.

Минстерот повика сите политички чинители да се воздржат од секакви изјави и постапки со кои би можеле да се нарушат законите и меѓучовечките односи, кои истовремено ја отежнуваат и работата на полицијата во време на кризата поради коронавирусот. Тој напомена дека МВР постапува неселективно и во согласност со законите.

Д.Е.