МВР уште нема информации за напаѓач на инцидентот, трнодолци и Карпош расправаат за кривични пријави

Додека жителите на Трнодол најавуваат кривична пријава кон Карпош и Стефан Богоев, контра кривичната на Општината за непознат сторител, истовремено МВР се уште нема евидентирано кој е напаѓачот во тепачката на расправата во Карпош.

„Немаме нови информации за случајот. Кога ќе има нови, ќе излеземе со нив во јавност“, е денешниот став на МВР.

МВР во средата потврдија дека на 17 декември е пријавен физички напад врз лицето К.А., но оттогаш изоставуваат нивни податоци за напаѓачот.

„На местото на настанот излезени се полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, беше последната информација од МВР, кои досега за случајот не известија преку полицискиот билтен.

По инцидентот во Карпош, Кире Атанасов од Трнодол за Радио МОФ рече дека на расправата бил удрен од Саше Спасовски, а тој, пак, демантираше такво нешто.

Карпош за напад врз општински службеник и попречување на работа најави кривична пријава, која сега иницијативата од Трнодол ја карактиризира како заплашување.

„Нема да не запрете во нашите барања за почитување на Уставот, законите, правилниците и сите други меѓународни документи кои се ратификувани во нашата држава и со кои се гарантираат основните човекови права и слободи. Вашата закана за поднесување пријава кон непознат сторител е само ефтин политички трик во стилот – најдобра одбрана е напад. На сите, а пред се на полицијата им е познат напаѓачот што го повреди нашиот сосед, а и вам исто така како што се гледа од јавно објавуваните слики по социјалните мрежи каде спремноста за удирање на боксови датира поодамна. Нема потреба од фрлање песок во очи бидејќи дури ни вашите сопартијци веќе не ви веруваат“, соопштува иницијативата на жители од Трнодол.

Оттука, нагласуваат дека се спремни за јавна дебата, на било која телевизија или јавен медиум, но, велат тие, без присуство на партиски соработници за да ги разобличат лагите со докази и аргументи.

„И за крај, нормално и логички е да на вашата пријава биде одговорено соодветно – со поднесување на кривична пријава кон вас лично и кон Општината како организатор на презентацијата, за лажно пријавување и доведување во опасност на нашите тела и животи. Да повториме уште еднаш: ве чекаме на јавна ТВ дебата, време и место одберете сами!“, соопштуваат од Трнодол, од каде веќе реагираа со допис до јавноста за инцидентот при расправата, тврдејќи дека на команда од надвор, во салата влегла уште една група рекетари и го удрила нивниот комшија.

Нивниот став е дека ДУП ЈО Блок 7 се носи насила, а целата постапка е контроверзна уште од самиот почеток.

„ДУП-от може да предизвика  лизгање на големи земјани маси поради градење во заштитно зеленило под брдото и во заштитниот канал од поплави, како и  сообраќајната безбедност на улица Козле и Трнодол, како и отварање на можност за градежна инвазија  и градење на населба, која, велат тие, навлегува во заштитното подрачје на  парк шумата Водно која ќе се протега над контравезното Шпанско село и над населба Трнодол, Жданец и Козле, а до која е планирано да се пристигнува преку планираната јужна обиколница која треба да поминува низ населбата Трнодол по несоодветни и тесни  улици“, соопштија жители од Трнодол.

Од Општина Карпош за Радио МОФ потврдуваат дека поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство против непозни лица. Истовремено, градоначалникот Стефан Богоев и понатаму ќе биде достапен за средби, консултации и дебати во кои, велат општинарите, ќе се зборува со факти и вистински аргументи.

„Сепак, тоа е во корист на граѓаните и локалната самоуправа. Како институција, ние сме подготвени да ги преземеме сите мерки кои ни стојат на располагање, со цел, да не дозволиме агресијата да го замени суштинскиот дел за кој веќе е постигната согласност со засегнатите граѓани. За оваа средба помеѓу градоначалникот Богоев, граѓаните и претставници од Град Скопје, постои и записник кој сведочи дека се прифатени сите нивни суштински предлози и забелешки кои ќе бидат вметнати во Предлог – ДУП-от, со нивните лични потписи како согласни страни“, велат од Карпош.

Тврдат дека целиот процес е транспарентен, градоначалникот Богоев одржал и брифинг со новинарите, а организирале и повторна јавна расправа.

„Таа за жал некому не му беше од полза да се одржи. За да бидеме подостапни и потранспарентни кон граѓаните, го продолживме временскиот рок на одржување на јавната анкета, наместо законските пет дена, го продолживме рокот на 11 дена. Исто така,  наместо до 15:30 часот, ДУП-от е ставен на увид, заедно со можноста да се пополнат анкетните листови, 11 работни денови до 27 декември до 18 часот“, велат од Општина Карпош.

Според општинарите, процедурата законски им налага да се одржи јавна презентација која се планира да се спроведе во претстојниот период, во првата половина на 2020-та. Тврдат дека не се предвидува ниту нова населба, ниту пак Предлог ДУП – от се однесува за населеното место Жданец. Исто така, дека новиот ГУП целосно ќе биде избришана и Јужната обиколница.

„Општина Карпош ќе стори сé за да обезбеди добри услови за одржување на следната јавна презентација“, соопштуваат од таму.

„Го сакам Водно“: Спорни се одредени парцели во ДУП-от, објект има на фирмата што гради кај Мајчин дом

Анализирајќи го ДУП-от Ј03.07, за „Го сакам Водно“ се спорни одредени парцели како КП 5884/2 и КП 5884/1.

„Објектот кој се наоѓа на 5884/2, а е легализиран во 2011 година, од неодамна (24 април 2019) е во сопственост на ‘ЗСФ-КОМ’, истата фирма која гради на спорната парцела кај Мајчин Дом во Аеродром, што е евидентно и од имотните листови. Со купување на овој објект кој има 71 м2 во приземје (54 квадрати станбен простор и 17 квадрати гаража), истата фирма се стекнала со правото за откуп на дворното место на предметната катастарска парцела, која во моментов се води на РМ. Откупот на дворни места е продолжен до 31 декември 2021, со одлука од 10 јули 2018“, се вели меѓу другото во дописот на „Го сакам Водно“.

По стекнување на целосна сопственост на КП 5884/2, поради оформување на урбанистичка парцела, нагласуваат од Здружението, истата фирма би имала право на непосреден договор за откуп на соседната парцела КП 5884/1.

„Фактички, со купување на легализиран имот, односно куќа (А1) од 54 квадрати, компанијата на крај ќе се стекне со право на градба на зграда од П+3+Пк (или П+4+Пк), со бруто површина над 2.500 (или 3.000) квадрати (барем колку е видливо од резолуцијата на табеларните прикази објавени од општината). Воедно, за пристап до истиот се предвидува и нова улица. И се’ е ова сосема легално и во рамка на законите и прописите…“, велат од „Го сакам Водно“ .

Прашањето е, дополнуваат од таму, дали ова е нужно, и зошто токму планерите на тоа место предвидуваат таков објект.

„Дали Општина Карпош, која е нарачател и која го плаќа овој ДУП е запознаена со овој случај? Или сепак, нарачател е некој сосема друг?  Со надвикување, пцости и насилие, како и со фабрикација на лажни вести, ништо од тоа што е битно нема да излезе на виделина, а можеби тоа и е целта?“, прашуваат од таму.

Во однос на Јужната обиколница, потенцираат дека е таа е планирана преку ГУП за 2012-2022. Со тоа што ГУП-от важи уште две години, додека не се изготви нов Генерален план каде би се избришала Обиколницата за која негодува и „Го сакам Водно“, сепак, велат од таму, дотогаш законите и прописите налагаат таа да биде „вцртана“.

Бојан Шашевски