Скопското трио „My Tear“ планира на почетокот на следната година низ регионот концертно да го претстави албумот „Кога не се сакаме“, којшто беше објавен кон средината на септември.
Пред тоа, ќе одржат концерт на домашен терен, во петок на 6 декември, во Станица 26 во Скопје. Влезниците се веќе достапни преку bileti.drugastrana.mk.
„Кога не се сакаме“ е достапен на YouTube, Bandcamp, како и на сите дигитални платформи, а до крајот на годината и на плоча како заедничко издание на независните издавачи Corpus Delicti од Македонија, JaJaJa Records од САД и Pop Depresija од Србија.
„My Tear“ се Дени Крстев (вокал и гитара), Кристијан Лафазановски (тапани) и Ненад Трифуновски (бас). Идејата на бендот е албумот да звучи како модерна варијанта на македонските бендови од осумдесетите како Хаос ин Лаос, Токму така, Падот на
Византија, Мизар, Бадмингтонс…
Пред излегувањето на албумот бендот објави два сингла – „На старите станици“ и „Истото го сакаш“, кои беа одлично примени во регионот, а на „Кога не се сакаме“ се наоѓаат уште седум песни, меѓу кои и „Овој ден“ од репертоарот на Фонија.
Бендот „My Tear“ со синглот „Истото го сакаш“ го најавува вториот албум
Во 2019 година „My Tear“ го објави својот истоимен албум како дигитално издание и на плоча, а пет години подоцна, добропознатите андерграунд воини и членови на бендовите 21 век, Фонија, ХАХАХА, FxPxOx, Bernays Propaganda се на нова мисија да го дадат својот најдобар концерт досега.