Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие од Ковид-19 починале 7 лица. Починале 3 лица од Скопје (66г,69г и 86г) и по едно лице од Кавадарци (79г), Охрид (76г), Демир Хисар (17г) и Штип (73г).
Од МЗ претходно информираа дека од Ковид-19 починала и 17-годишна пациентка од село Сопотница која имала дијабетис и не била вакцинирана.
„Според лекарските извештаи, на 18.10, младата пациентка за првпат побарала лекарски преглед во КБ Битола. Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, ТТ 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола. Лекар ја прегледал во пнеумофизиологија – амбуланта за суспектни пациенти со Ковид, тестирана е за Ковид-19 и истиот ден е добиен резултат – Ковид позитивна. Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка“, велат од МЗ.
Поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, пациентката на 19 октомври била транспортирана на Инфективната клиника, како што велат од МЗ, во многу тешка состојба.
„Пациентката е примена во единица за интензивна нега на КИБФС и почнат е интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка Ковид 19 инфекција. Во тек на престојот следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина“, објаснуваат од МЗ.
Дополнително, од МЗ информираат дека согласно Регистарот на умрени лица од 1 септември до 22 октомври починале 4 лица од Ковид-19.
„Регистрирани се 2 починати лица од Гостивар и по едно починато лице од Кочани и Кичево на возраст од 55 до 86 години, од кои 2 се починати во болнички услови а 2 во домашни услови“, додаваат тие.
Во последните 24 часа потврдени се 436 нови случаи на Ковид-19. Регистрирани се 203 случаи во Скопје, Битола – 24, Куманово и Кавадарци – по 22, Велес и Штип – по 21, Прилеп – 19, Кочани – 16, Тетово – 12, Пробиштип – 9, Охрид – 8, Неготино и Свети Николе – по 6 и по 5 во Кичево, Крива Паланка и Делчево.
Потоа, регистрирани се по 4 случаи на Ковид-19 во Струмица и Берово, Гевгелија, Кратово и Дојран – по 3, Гостивар , Радовиш, Ресен, Виница, Валандово и Демир Хисар – по 2 и по 1 во Струга, Крушево и Македонска Каменица.
Регистриран е 321 оздравен пациент, односно од Скопје – 145, Куманово – 32, Штип и Прилеп – по 20, Велес – 17, Кочани – 14, Кавадарци – 12, Битола – 9, Крива Паланка – 8, Струмица – 6, Кичево и Гевгелија – по 5, Тетово и Кратово – по 4, Пробиштип – 3, Свети Николе, Гостивар, Ресен, Виница, Крушево, Дебар и Богданци – по 2 и по 1 од Радовиш, Валандово и Демир Хисар.
„Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 201.292, бројот на оздравени пациенти е 187.695, на починати е 7.098, а бројот на активни случаи изнесува 6.499“, стои во соопштението на МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 1.375.566 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 2.732 тестови.