Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие од Ковид-19 починале 16 лица. Починале 6 лица од Скопје (61г, 65г, 71г, 74г, 76г и 80г), 2 лица од Тетово (69г и 82г) и по 1 починато лице од Битола (85г), Охрид (79г), Куманово (55г), Кавадарци (83г), Гостивар (77г), Кичево (72г), Радовиш (62г) и Делчево (72г). Од пријавените, 2 се починати во домашни услови, а останатите 14 лица се починати во болнички услови.
Од МЗ исто така информираа дека во последните 24 часа се потврдени 25 нови случаи на Ковид-19. Регистрирани се 15 случаи во Скопје, 4 во Куманово и по 1 во Прилеп, Тетово, Гостивар, Кичево, Берово и Виница.
Регистрирани се 408 оздравени пациенти, односно од Скопје – 160, Прилеп – 38, Струмица – 30, Битола – 28, Охрид – 25, Куманово – 15, Штип и Струга – по 13, Велес, Кавадарци и Кочани – по 9, Свети Николе – 8, Виница – 6, Гевгелија и Неготино – по 5, Тетово, Гостивар и Дојран – по 4, Крива Паланка, Дебар, Богданци и Македонски Брод – по 3, Кичево, Пробиштип, Крушево и Пехчево – по 2 и по 1 од Радовиш, Делчево и Демир Хисар.
„Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.051, бројката на оздравени пациенти е 138.370, на починати е 5.109, а бројот на активни случаи изнесува 10.572“, стои во соопштението на МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 741.021 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 1.016 тестови.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска посочи дека епидемиолошката крива е во опаѓање, како и дека бројот на хоспитализирани пациенти во изминатите денови во континуитет се намалува.
„Значајно се испразнети болничките капацитети, хируршките одделенија, сите освен еден дел од одделението ТОАРИЛУЦ се вратени во функција. Заводот за рехабилитација – Козле исто така е целосно испразнет од пациенти заболени од ковид и во текот на неделата ќе се направи прераспределба и на детската болница во Козле, и на дел од одделенијата во зградата за Интерни клиники. Клиниките за Оториноларингологија и Офталмологија исто се враќа во финкција до крајот на неделата. Продолжува намалувањето на притисокот врз болниците ширум државата. Повеќе од половина од капацитетите се слободни и се враќаат во нормална работа и останатите одделенија. Ова е знак за стивнување на овој бран, па оттука и предлозите за дополнителни попуштања на рестрикциите“, истакна Филипче.
Во меѓувреме, тој исто така рече дека сите граѓани кои се пријавиле на веб-страницата vakcinacija.mk заклучно со 15 април ќе добијат термин за вакцинација до 15 мај.
Инаку, досега се вакцинирани околу 110.000 граѓани против Ковид-19, додека 23.000 од нив ја имаат добиено и втората доза на вакцината.
„Со оваа динамика од 10.000 вакцинирани на ден, во сите пунктови низ државата продолжува и во текот на оваа недела. Денеска стигнуваат околу 10.000 вакцини на Фајзер, по 5.000 од нашиот договор и системот на солидарност од ЕУ. Според најавите донацијата од кинеската армија треба да пристигне на 15 мај и согласно сите тие најави ние го правиме и распоредот за делење на вакцините ширум пунктовите“, рече Филипче.