Министерството за здравство (МЗ) вечерва информираше дека во изминатото деноноќие од Ковид-19 починале 12 лица. Починале 5 лица од Скопје (44г, 74г, 75г, 82г и 82г), 2 лица од Кавадарци (69г и 87г) и по едно лице од Тетово (16г), Неготино (77г), Куманово (79г), Кочани (77г) и Демир Хисар (90г).
Од МЗ претходно информираа дека на Инфективната клиника починала 16-годишна пациентка од тетовското село Сиричино. Пациентката која имала многу тешка клиничка слика претходно се лекувала во Клиничката болница Тетово од 21 до 23 октомври. Како што додаваат од МЗ, пред тоа, таа била лекувана во домашни услови поради тегоби кои датирале 9 дена од иницијалниот прием во тетовската болница.
„Според медицинскиот извештај, од КИБФС станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија. Во текот на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање. Младата пациентка не била вакцинирана“, објаснуваат од МЗ.
Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со Ковид-19 од „Мој Термин“, од ресорното министерство соопштија дека се пријавени седум починати лица со датум на смрт од 14 до 31 октомври.
„Регистрирани се починати лица од Скопје (2), Куманово(2), Кичево(1), Делчево(1) и Велес (1) на возраст од 61 до 75 години, од кои 5 се починати во болнички услови ,а 2 се починати во домашни услови“, стои во соопштението на МЗ.
Во последните 24 часа потврдени се 568 нови случаи на Ковид-19. Регистрирани се 230 случаи во Скопје, Куманово – 44, Битола – 39, Прилеп – 29, Кавадарци – 27, Штип – 26, Велес – 19, Кочани – 18, Тетово – 16, Делчево – 13, Кичево – 12, Гевгелија – 11, Охрид и Струмица – по 10 и по 9 во Неготино и Крива Паланка.
Потоа, регистрирани се 7 случаи на Ковид-19 во Свети Николе, Берово – 6, Богданци – 5, Гостивар, Ресен и Кратово – по 4, Радовиш, Пробиштип и Македонска Каменица – по 3, Крушево и Демир Хисар – по 2 и по 1 во Валандово, Македонски Брод, и Дојран.
Регистрирани сe 293 оздравени пациенти, односно од Скопје – 173, Куманово – 28, Струмица – 11, Велес – 10, Прилеп – 9, Битола и Гевгелија – по 8, Кавадарци и Штип – по 7, Крива Паланка – 6, Богданци и Пробиштип – по 5, Свети Николе и Кратово – по 4, Кочани – 3 и по 1 од Охрид, Неготино, Радовиш, Валандово и Дојран.
„Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 203.866, бројот на оздравени пациенти е 189.557, на починати е 7.178, а бројот на активни случаи изнесува 7.131“, се додава во соопштението на МЗ.
Досега во земјава се направени вкупно 1.393.963 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 3.594 тестови.