Министерството за здравство информира дека почнувајќи од утре, 15 ноември, за влез во објекти е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-КОВ-2. Односно, примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19, или со сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
„Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките и да бидат одговорни. Ги повикуваме граѓаните кои сѐ уште не се вакцинирани , што побрзо да го направат тоа. Само со колективен имунитет може да го победиме вирусот“, стои во соопштението на Министерството за здравство.
Претходно, на седница на 26 декември, Владата одлучи ноќните клубови, баровите и угостителските објекти за свадби и други прослави да можат да работат со 50 отсто од капацитетот на објектите. Тогаш беше соопштено дека од 15 ноември за влез во угостителски објекти, хотели, трговски центри, бензински станици, казина и обложувалници, или за посетување настани ќе биде задолжително да се покаже сертификат за две примени дози од вакцината против КОВИД-19, наместо една доза како што беше досега, или пак потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена.
Беше одобрено и организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.
Ваквите мерки, како што тогаш соопштија, беа донесени согласно моменталната епидемиолошка состојба во државата, на предлог на Комисијата за заразни болести.
Инаку, Министерство за здравство денес објави дека во изминативе 24 часа се направени 2.667 тестирања, регистрирани се 285 нови случаи на КОВИД-19, има 328 оздравени пациенти, а истовремено и 5 починати лица.
Досега во земјата се направени вкупно 1.428.941 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 209.277. Бројот на оздравени пациенти е 193.400, на починати е 7.328, а бројот на активни случаи изнесува 8.549.