Инспекторатот за животна средина на 24 март утврдил дека Булмак 2016 дооел Пробиштип – подружница Рудник Тораница, Крива Паланка сторил прекршок од трета категорија, при што сторителите биле согласни за поведување постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Имено, според известување од страна на ‘Булмак’ на 14.03.2025 во период од 06:30 до 07:00 часот се случи инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, вода која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација, и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. Булмак извести дека во меѓувреме дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата. Со потпишување на овој записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина“, соопштија од Министерството.
Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен регистар, во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице, посочија оттаму.
Министерот Изет Меџити рече дека Законот мора да се почитува и нагласи дека секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок.
„Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани“, рече Меџити.