МЖСПП: До владата е доставен Акциски план за надминување на состојбите со Преспанското Езеро

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека на 25-та седница на Владата доставила Анализа и Акциски план за Преспанското Езеро, која беше подготвена од Експертската работна група (ЕРГ) воспоставена од МЖСПП.

Во групата, велат дека биле вклучени актуелните и пензионирани професори, експерти, технички стручни лица од релевантните институции (хидролози, биолози, геолози) кои работеле и работат на оваа проблематика, како и претставници на Македонското еколошко друштво (МЕД) и други експерти кои работат на тематски проекти во Преспанскиот Регион.

„Бидејќи Планот проектира итни, среднорочни и долгорочни мерки, со дефинирани задолжени институции и субјекти и финансиски импликации, Владата го разгледа Извештајот и ги задолжи сите институции предвидени во акцискиот план да се произнесат, со цел итно усвојување на Планот и пристапување кон негова реализација во најкус можен рок“, соопштуваат од МЖСПП.

Од таму велат дека веќе се спроведени активности и прогрес во подготовките на планот за надминување на состојбите со намалениот водостој на Преспанското Езеро. Неформалните средби на политичко, административно и експертко ниво се започнати од февруари, потоа на 1 октомври е воспоставена Експерската работна група, а ЕРГ ги собра сите изработени документи и студии за целиот Преспански регион, и ја воспостави рамката за креирање на Акцискиот план.

Исто така, од МЖСПП велат дека во ноември е одржан трет работен состанок, одржана е средба на техничко ниво и со колегите од Албанија и Грција, и презентирани првите заклучоци и Нацрт Акциски план со финансиска конструкција во рамките на ЕРГ и МЖСПП.

„На 1 декември до Владата беше доставена на разгледување и усвојување Информација со анализа и акциски план за Преспанското Езеро во која се утврдени фазно сет на мерки, од брзи интервентни, до среднорочни и долгорочни активности, пропратени со предлози за финансирање (национален буџет и меѓународни фондови) со цел долготрајно надминување на состојбите со Преспанското Езеро“, се вели во соопштението на МЖСПП.

Инаку, Охрид СОС веќе потврди дека петицијата за спас на Преспанско езеро е поднесена до Владата и МЖСПП. Активистите рекоа дека од 28 септември, кога бил испратен допис до нив од МЖСПП, забележуваат напредок во однос на експертската група која работи на изготвување на акциски план. Но, истовремено реагираат дека нема никаква информација за трилатералното тело кое треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанско Езеро припаѓа на три држави.

„Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во Преспанскиот слив како што се бараше и во петицијата, а беше најавено за 1 октомври 2020“, реагираа активистите од иницијативата.

Охрид СОС: Петицијата за спас на Преспанско Езеро поднесена до Владата и МЖСПП