Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) преку соопштение до медиумите информира дека како препорачано решение до Владата ќе ја достави Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел со дополнување, кое ќе ги опфати обврските и мерките согласно прописите за заштита од ерозија.
Исто така, велат тие, ќе побара од Владата да ги задолжи надлежните органи и единиците на локална самоуправа доследно да ги исполнат барањата од останатите релевантни прописи за да се обезбеди заштитата на сите ерозивни подрачја во државата.
„Воедно, МЖСПП укажува дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно од Градот Скопје или друга заинтересирана страна, кој откако ќе биде изработен ќе може да ја инкорпорира и донесената Одлука согласно Законот за заштита на природата“, соопштува министерството.
Од таму велат дека процесот за донесување на Одлуката за да се заштити Водно од V категорија, по консултации со јавноста, организирало технички координативни средби со претставници на Градот Скопје, Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, Министерство за транспорт и врски и Центарот за управување со кризи, како релевантни институции на државно и локално ниво.
Целта, велат тие, било дополнително да се преиспита постоечката регулатива за заштита на подрачјето од аспект на ерозија, поплави, безбедност и прeспределбата на обврските и наделжностите помеѓу локалната самоуправа и централната власт.
„Со оглед на фактот дека овие прашања се веќе регулирани со други закони од националното законодавство кои треба да се имплементираат од надлежните институции, на средбите се анализираше имплементацијата на постоечките законски обврски наспроти евентуалното донесување на посебен закон во функција на подобра заштита. Беше покренато и прашањето на итноста на потребата за заштита. Неспорна е обврската на МЖСПП за репрогласување на заштитените подрачја согласно Законот за заштита на природата, како и законските обврски на локалните самоуправи согласно Законот за водите со кои е уредено утврдувањето на границите на ерозивните подрачја и предвидувањето на мерки за заштита“, се вели во соопштението на МЖСПП.
Инаку, досега од активисти и експерти произлегоа и барања за итно стопирање на Нацрт-одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје според Законот за заштита на природата. Бараа е донесување на лекс специјалис, посебен закон на Водно, исто така изработка на просторен план за Водно и посебен план за управување што ќе овозможи сестран степен на заштита и зачувување на неговата важност.
Стопирање на Нацрт-одлуката за Водно како заштитено подрачје од V категорија побараа и 38 здруженија и иницијативи, предводени од „Го сакам Водно“ и „02 Иницијатива“. Тие за утре од 11 часот најавуваат прес-конференција во Градскиот парк во Скопје.
„На прес-конференцијата ќе се обратат и истакнати експерти и претставници од релевантни институции, за аспекти поврзани со ерозивните и просторни процеси, интегралната заштита и иднината на Водно. А ќе биде и презентиран ставот на 38-те граѓански здруженија и иницијативи кои доставија барање до Владата за сестрана заштита на Парк-шумата“, се вели во најавата за прес-конференцијата.