МЗМП: Клучни факти за аерозагадувањето и правната (не)заштита

Дали знаете дека аерозагадувањето не е само еколошки, туку и правен проблем?, прашуваат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кое учествуваше во првата надзорна расправа во Собранието за ефектите од загадениот воздух врз јавното здравје.

Оттаму, МЗМП дава свои согледувања, како на пример дека судовите не штитат доволно.

„И покрај пресудите на европскиот суд за човекови права, македонските судови не обезбедуваат ефикасна правна заштита на граѓаните погодени од загадувањето. Судовите не утврдуваат правна одговорност кај институциите за неподготвувањето на стратегии за чист воздух“, велат од МЗМП.

Понатаму, посочуваат дека има недостиг од финансии за вистинска промена.

„За да има напредок, неопходно е да се зголемат буџетските средства а мониторинг, опрема, инспекции и институционални реформи. Без вистински инвестиции, борбата против загадувањето останува само декларативна“, нагласува Здружението.

За МЗМП нема сомнеж дека се неопходни поголема транспарентност и отчетност.

„Јавноста ретко има пристап до детални информации за мерките што се преземаат и ефектите што ги имаат врз квалитетот на воздухот. Без транспарентност, граѓаните не можат да вршат притисок за подобрување на ситуацијата“, забележуваат од таму.

Истовремено, посочуваат и за судски постапки против институциите.

„МЗМП има покренато судски постапки против Владата, Министерството за животна средина и Град Скопје, Општина Битола и Општина Струга. Тужбите се однесуваат за неправилно управување со отпад, загадување и неспроведување на еколошките закони и повреда на човековите права како резултат на тоа“, посочува МЗМП.

Она што е јасно, е дека институциите немаат доволно ресурси. Во Државниот инспекторат за животна средина во 2024-та биле 17 инспектори, а во 2025-та има 15 инспектори кои треба да вршат надзор на сите еколошки инсталации во земјата.

„Локалните инспектори се уште поретки, што создава огромен јаз во спроведувањето на законите“, нагласуваат од МЗМП.

Водно, податоците за загадувањето се нецелосни. Државната мониторинг мрежа има сериозни проблеми. Во 2018 година, мерната станица во Битола 1 не давала податоци 187 дена, а во Битола 2 – 192 дена.

„Во 2023 година, обемот на податоците за ПМ 10 честичките паднал од 91,27% (2002 година) на 77,55%, а за ПМ 2,5 честички од 88,73% на 71,94%“, велат од МЗМП.

Постојат и слабости во казнената политика. Во Македонија, велат од таму, повеќето пресуди за еколошки кривични дела завршуваат со парични казни, а не со затворски казни.

„Повеќето кривични постапки се за ‘полесни’ еколошки кривични дела, што ги остава големите загадувачи надвор од досег“, децидни се од МЗМП.

Во однос на општините, тие не се подготвени за акција. Односно, само 6,25% од општините во Македонија имале важечки локални еколошки планови во периодот 2016-2023 година.

„Ова значи дека кај повеќето локални самоуправи недостасува стратешки пристап за унапредување на состојбата за животната средина“, нагласува Здружението.

На крајот, потсетуваат и дека се застарени стратегиите за животна средина.

„Во моментов нема активен Национален акциски план за животна средина (последниот важеше до 2012 година), ниту Национален план за заштита на воздухот (важеше до 2018 година). Недостигот на вакви документи значи дека нема стратешки и долгорочен пристап во борбата против загадувањето“, констатираат од МЗМП.

Бојан Шашевски