Расте бројот на лица, жртви на семејно насилство кои се интересираат добивање бесплатна правна помош, информираат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кои се дел од неформалната мрежа на овластени здруженија за бесплатна правна помош.
Од здружението посочуваат дека на едно лице, долгогодишна жртва на физичко и психичко насилство, со сериозни здравствени проблеми како последица од насилството помогнале да се стекне со право на бесплатна правна помош.
„МЗМП го комплетираше барањето за бесплатна правна помош и ѝ помогна на жртвата да го испрати до Министерството за правда. Со одобрувањето на бесплатната правна помош, Министерството за правда на жртвата ѝ овозможи адвокат, кој бесплатно ќе и обезбеди правна помош во судските постапки за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилиство, за развод на брак и за вршење на родителските права над малолетните деца. Како резултат на обезбедената правна помош жртвата „излезе“ од брачната заедница, беше згрижена и започна со лекување, а против сторителот се преземени соодветни мерки“, појаснуваат од МЗМП.
Оттааму посочуваат дека не се за потценување и проблемите со кои жртвите на семејно насилство се соочуваат при остварувањето на право на бесплатна правна помош, а се однесуваат на строгите законски критериуми за имотната состојба како и премногу долгата постапка, со што се оневозможува пристапот до правдата.
„Неопходно е надминување на овие проблеми со идни законски измени што значително ќе ја подобри правната заштита на жртвите на семејно насилство.“, бараат до МЗПМ.
Покрај Македонско здружение на млади правници од Скопје, дел од мрежата овластени здруженија за бесплатна правна помош се и Младински културен центар-Битола, Национален ромски центар-Куманово, РОМА С.О.С.-Прилеп, Избор-Струмица и ЕХО-Штип.