Н. Агенција за европски образовни програми: Работиме по правилата на ЕК

Н. Агенција за европски образовни програми: Работиме по правилата на ЕКНационалната агенција за европски образовни програми излезе со реакција по објавата на истражувањето на Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата Oтворено општество Македонија кое открива дека агенцијата повторно доделувала проекти на нефер и сомнителен начин.

Од Агенцијата велат дека тие во моментов децентрализирано управуваат со програмите Доживотно учење и Млади во акција и во своето работење се водат исклучиво по правилата на Европската комисија, Генералниот директорат за образование и култура кои се надлежни за програмите кои се имплементираат во Македонија.

„Националната агенција редовно доставува извештаи до Европската комисија кои се обврска што произлегува од договорите меѓу Европската комисија и Националната агенција. Ова подразбира целосна информираност на надлежните служби во Европската Комисија за текот и начинот на имплементирање на програмите“, се вели во соопштението на Агенцијата.

Тие додаваат дека во текот на минатата година во Националната агенција биле успешно спроведени шест ревизии кои произлегуваат како обврска од стандардните договори со Европската Комисија а извештаите биле навремено  доставени до Генералниот директорат за образование и култура  во Брисел.

Радио МОФ вчера објави дека според наодите во извештајот на МЦЕТ, европските пари (околу 1.3 милиони евра) наменети за образовни и младински проекти, Агенцијата ги поделила на само 11 организации, за кои нема достапни информации кои покажуваат како ги потрошиле средствата. Ова, според МЦЕТ, е сличен случај како во 2010, кога изби голем скандал откако се откри дека тогашниот директор на Агенцијата Бошко Нелкоски, преку мрежа на блиски соработници и членови на семејството, парите ги распределувал на истите организации. Поради сомнителната распределба на парите, Европската комисија тогаш ги замрзна средствата за Македонија, а директорот Нелкоски поднесе оставка, но не понесе никаква одговорност за злоупотребите.

К.О.