Аплицирањето за Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2023 започнува в понеделник, повторно онлајн, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Годишните конкурси ќе бидат отворени во понеделник, 17 октомври, со почеток во 8 часот, преку системот за електронско аплицирање на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година. Системот за аплицирање ќе биде затворен на 17 ноември во 16 часот.
„Користејќи ги позитивните, но и негативните искуства од претходното, всушност, прво аплицирање по електронски пат, оваа година електронското аплицирање целосно ќе се спроведува преку националниот портал е-услуги, а не преку веб-страницата на Министерството за култура“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека овогодишната пракса е со цел дополнително да се поедностави процедурата за апликантите и заштедување на време и средства, преку директно преземање и прикачивање на документите како уверение за државјанство и увид во тековна состојба.
Дополнително, новина годинава е што за првпат и решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат, а праксата истовремено дозволува да се избегнат можностите за злоупотреба како менување или дополна на пријавите.
„Преку националниот портал е-услуги, автоматски ќе биде оневозможено да се конкурира со повеќе проекти од утврдените во правилата на Конкурсот. Затоа, замолувам корисниците да обрнат внимание на Општите услови и на условите за аплицирање во секоја дејност одделно. Особено во делот кај условите, со колку проекти може да се конкурира по дејност бидејќи, да повторам, системот автоматски нема да дозволи физичко или правно лице да аплицира во повеќе дејности од пропишаните“, рече Костадиновска-Стојчевска.