Вкупно 15.294 ученици се пријавиле за полагање државна матура, од кои 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.
Учениците од завршната четврта година во средното образование на 5 јуни ќе го полагаат првиот екстерен испит по предметот мајчин јазик. Тој е еден од четирите – два екстерни и два интерни предмети во рамки на концептот за полагање матура годинава, кој беше договорен помеѓу надлежните институции и Средношколскиот сојуз, а кој, предвидува и изработка на проектна задача.
Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска уверува дека испитните програми за предметите што се опфатени со матурата оваа година веќе се скратени, а според договорот со средношколците, листата со можни прашања им се достапни на три недели пред полагањето на секој испит.
По полагањето на првиот задолжителен екстерен испит по мајчин јазик на 5 јуни, ќе следи и полагање на вториот екстерен испит кој е изборен. Учениците кои можеа да одберат помеѓу математика или странски јазик, ќе полагаат на 11 јуни. Интерните ќе бидат организирани до крајот на јуни по распоред кој го креираат самите училишта. Проектната задача, пак, се реализираше од 15 март до 30 април. Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од вториот екстерен испит.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денес беше во посета на Државниот испитен центар кој е одговорен за организација на целиот процес, а каде со раководството разговараше околу текот на подготвителните активности. Таа очекува процесот успешно да се реализира.
„Усвоени се сите неопходни протоколи врз основа на кои матурата треба да се спроведе во услови на пандемија, а со цел да се заштити здравјето на учениците, наставниците и сите други учесници во процесот. Предвидено е во училница да бидат присутни најмногу до 15 ученици, а некаде и помалку во зависност од просторните услови. Во меѓувреме над 2000 тестатори се вакцинирани со двете дози кои значат стекнат имунитет“, информираше Царовска.
За матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе бидат заболени од Ковид 19, или ќе бидат во изолација, имаат дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии.
Тие што нема да положат матура во јуни, дел или во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот и 13 август за вториот екстерен испит.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар работат на целосно нова концепција за државна матура која ќе се применува од следната учебна година и која според нив треба да овозможи различни видови на матура за гимназиското, стручното и уметничкото образование.
За оваа цел е формирана посебна работна група составена од претставници на надлежните институции и претставници на средношколците, а воедно ангажиран е и експерт од Светска банка кој има работено и на актуелната концепција за полагање државна матура.
Растојание, дезинфеција и заштитни маски – Што вели Протоколот за реализирање на државната матура