И оваа година Скопје се придружува на Интернационалниот ден на возење велосипед до работа во зима, 9-ти февруари.
Оние што сакаат да се вклучат треба да се регистрираат на следниот ЛИНК, обврзувајќи се дека тој ден ќе се движат на точак до нивната секојдневна дестинација, синхронизирано заедно со останатите во светот. Фотографиите од тој ден може да се постираат на социјалните мрежи користејќи ги хаштаговите #WinterBikeToWorkDay или#WinterBikeToSchoolDay и/или локалниот: #WBTWDSkopje (за работа) или #WBTSDSkopje (за образование).
„Дотогаш имате доволно време да ги извадите велосипедите од гаража, да ја избришете прашината, да ги напумпате гумите и да ги ставите во погон многу порано отколку обично. Пробивањето на комфорната зона е процес кој што најмногу се мотивира преку личен пример. Бидете пример за другите дека нема лошо време, туку само лоша опрема“, велат од граѓанската иницијатива НаТочак.
Тие ги повикуваат кафулињата, баровите, рестораните и сите останати деловни субјекти да се вклучат во славењето на овој ден преку овозможување на најразлични поволности, попусти и награди за оние кои ќе дојдат со велосипед до нивните локали и ќе купат нивен производ/услуга.
Исто така, ги повикуваат и сите јавни институции, министерства, општини, јавни претпријатија, училишта, факултети, но и сите приватни компании да се придружат на оваа иницијатива, да бидат креативни и да ги мотивираат своите вработени и ученици/студенти на овој ден да дојдат на работа/на школо на точак.
„Велоград наголемо се проширува, да го ставиме Скопје на светската вело-мапа“, велат од НаТочак.