Нешто пред полноќ на Меѓународниот аеродром Скопје од Тбилиси со авион на компанијата „Кам ер“ пристигна првата група од 149 бегалци од Авганистан.
Како што информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи се работи за луѓе вработени во меѓународните организации како „Отворено владино партнерство“, „Транспаренси интернешнл“, Светскиот економски форум и други партнерски организации.
„Тоа се, како што реков наши сојузници, луѓе со кои што сме работеле заедно, кои споделуваат наши вредности и луѓе кои не по своја вина денеска им е загрозен нивниот живот и на нивните деца. И затоа ние одлучивме да излеземе во пресрет, во моментот кога на нив им е најпотребно ова привремено прибежиште за да се засолнат од ризиците по нивниот живот и нивните семејства, и се додека не стигнат во нивните конечни дестинации“, рече Османи.
Османи повторно нагласи дека за нивното засолнување и логистиката се грижат организациите каде што работеле овие лица, односно дека трошоците ги покриваат организациите, но додаде дека доколку се јави потреба дека и државата исто така ќе помогне со соодветна логистика.
Бројката на лица за кои е дадена согласност за прифаќање е околу 750 граѓани, посочи Османи.
„Ја следиме состојбата, во комуникација постојана сме со нашите партнери. Денеска имавме координација со заменик-државниот секретар на САД и другите партнери со цел да ја следиме состојбата на аеродромот во Кабул, за да можеме да видиме кога новите групи би дошле во Скопје. Во секој случај, ние сме спремни, а мислам дека и граѓаните се спремни да дадат поддршка на солидарност на овие жени и деца кои побараа прибежиште и најдоа денеска во Скопје“, нагласи Османи.
Раководителката на итната медицинска помош Милица Бубало посочи дека Министерството за здравство заедно со сите здравствени установи ќе им даде комплетна здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот во земјава.
„На почетокот, на граѓаните ќе им биде направен ПЦР тест и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за вакцинација од Ковид-19 ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката на ПЦР тестот се констатира дека има позитивни, ќе се спроведе 14-дневен карантин“, рече таа.
Дополнително, таа истакна дека ќе биде спроведен и комплетен преглед на децата и возрасните и дека ќе се оцени нивната здравствена состојба.
„Доколку имаат потреба од понатамошен преглед, во тој случај ќе бидат спроведени во другите здравствени установи“, додаде таа.
Во меѓувреме, светските медиуми јавуваат дека последниот американски воен авион вечерва го напуштил Авганистан, а Федерална управа за цивилно воздухопловство на САД соопшти дека САД веќе не го контролираа воздушниот простор на аеродромот во Кабул.