На дел од државните универзитети доцни изборот за студентски лидери

По три години од усвојувањето на студентското уредување и по веќе два минати мандати на независни студентски претставници, на дел од најголемите државни универзитети во земјава, изборот за нови претседатели на Универзитетското студентско собрание доцни.

Факултетските (ФСС) и универзитетските студентски собранија (УСС) беа формирани според последниот Закон за високо образование од 2018 година. Законот налага студентите на сите факултети првично да изберат свои претставници во ФСС, кои потоа именуваат по двајца претставници во УСС. Членовите на УСС го избираат претседателот. Мандатот на сите студентски претставници трае една година, со право на еден реизбор.

Во пресрет на новата академска година, Радио МОФ направи преглед на моменталната состојба на Универзитетските студентски собранија, кои веќе втора година по ред функционираат како независни студентски тела кои се надлежни за прогрес на младинските и студентски политики.

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, гласањето за нов претседател на УСС ќе се одвива на 17 септември, неколку месеци по истекувањето на мандатот на претходната претседателка Ева Цветковска. Причината за доцнењето е како што вели таа, „доцното конституирање на собранието“, а дополнува дека рокот за избирање на Претседател на Универзитетското собрание не е пречекорен.

Имено, бил пречекорен рокот за бирање на претставници на универзитетското собрание кои треба да бидат одбрани од претставниците на факултетските студентски собранија.

Цветковска беше избрана на функцијата на 1 април, 2021 година, а нејзиниот мандат траеше една година, но последните неколку месеци, таа се задржа на функцијата како вршител на должност.

Цветковска за Радио МОФ истакна дека веќе е најавен датумот за избор на нов студентски лидер при УКИМ.

„Во средата на седми септември, се одржа првата конститутивна седница,  односно верификација на мандатите на членовите, а тоа беше седницата каде што се кандидираат оние кои што би сакале да бидат претседатели. Има двајца кандидати за претседатели и сега на 17 септември, определија датум за избирање на претседател“, истакна Цветковска.

Додека на најстариот универзитет во земјава, изборите доцнат, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип тие „можеби“ ќе се одржат на почетокот на новата академска година.

УСС УГД сè уште нема избрано нов студентски лидер, а на фукцијата сè уште се наоѓа првоизбраниот претседател Мирко Наџаков, изгласан во 2020 година, но овојпат како вршител на должност.

„УГД сè уште нема спроведено избори за нов претседател. Мислам дека го чекаат почетокот на новата академска година. Јас сум вршител на должност моментално“, не информираше Наџаков.

Од друга страна, доцнење во изборот за независен студентски лидер не е случај при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) и Универзитетот за информатичка наука и технологија „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Претседателката на УСС УКЛО, Симона Наумовска вели дека распишани се изборите за членови и претседатели на ФСС, од кои двајца ќе бидат делегирани за Универзитетското студентско собрание.

„Мене мандатот ми трае до 24 ноември, една година од денот на мојот избор. Откако ќе се одржат изборите за факултетските собранија, ќе се делегираат два члена во УСС и во тој период, во ноември, ќе се формира ново Универзитетско собрание“, посочи Наумовска.

Актуелен претседател на УСС при Универзитетот за информатичка наука и технологија „Св. Апостол Павле“ во Охрид е Јован Илоски, чиј мандат ќе трае наредниве два семестри, односно до јуни 2023 година.

„Факултетските собранија се избрани уште во мај, мандатот на членовите беше до тогаш. Во месец јуни веќе истече мандатот на претходниот претседател. Најпрво беа избрани факултетските собранија, јас аплицирав да бидам член на истите, и како член на ФСС, се кандидирав да бидам претседател на Универзитетското студентско собрание.  Имавме тајно гласање со физичко присуство во месец јуни, каде јас бев изгласан“, истакна Илоски.

Радио МОФ го контактираше Тетовскиот Универзитет, од каде што ни посочија дека претседателка се` уште е Елиеса Жаку. Таа ни кажа дека веќе втора година е на функцијата претседателка на Универзитетското студентско собрание на Тетовскиот универзитет.

„Мојот мандат сега почна, треба уште една година да помине“, посочи таа накратко.

Побарани беа и информации од Универзитетот „Мајка Тереза“, но до објавување на текстот не добивме никакви одговори.

Навраќајќи се кон својот мандат Цветковска нагласува и кои работи би можеле да се променат во врска со фунционирањето на универзитетските собранија.

„Да не биде оставена целата работа на тројца-четворица поединци кои ќе ги вршат работите, туку да биде подобро распределена помеѓу сите делегати. Тука е и промоцијата, односно инвестирање во некој кој што конкретно ќе се бави со маркетинг, затоа што има многу работи кои што сме ги направиле, а не сме успеале да го доловиме тоа на јавноста или да добиеме некаков ‘reach’ бидејќи  не знаеме како најдобро да раководиме со социјалните мрежи“, посочува Цветковска.

Ивана Смилевска