На две недели пред крајот на учебната година, во основните училишта стаса учебникот по македонски јазик за петто одделение, пренесува „Мета.мк“.
Учебникот е направен согласно новата Концепција за основно образование. Во Министерството за образование и наука (МОН) објаснуваат дека тие го праќаат на печатење учебникот штом ќе добијат одобрение од Националната комисија за учебници дека може да се користи.
„Печатењето учебник е процес. Во образование има повеќе од 1.000 учебници по различни предмети. Има дел што не се испечатени. Како доаѓа одобрение за нив, така ги печатиме“, информираат во МОН.
Наставници по одделенска настава со кои поразговаравме рекоа дека изминатава учебна година при наставата по македонски јазик импровизирале, односно учениците учеле од копии од стариот учебник, но и од материјали од Интернет. Врз основа на тоа, ги тестирале и оценувале учениците.
Од МОН појасуваат дека следната година нема да се печати нов учебник по македонски јазик за петто одделение, туку дека ќе се печатат уште примероци од истиот ако за тоа има потреба.
Согласно Законот за учебници, секоја учебна година, учениците од прво до трето одделение добиваат нови учебници по сите предмети, бидејќи во нив има задачи кои налагаат пишување во самите учебници и нив следната генерација не може да ги користи. Но, за сите останати одделенија, нови учебници не се печатат секоја година, односно, еден учебник може да се користи пет години.
За основците, оваа учебна година трае до 14 јуни. Последниот учебен ден за средношколците пак, е на 9 јуни.
Што се однесува до спорниот учебник по Историја и општество, одговорните во Министерството за образование и наука велат дека го повлекле од употреба. Оттаму информираат дека во тек е јавниот повик за искажување на интерес за формирање на авторски тим за изработка на ракопис за учебник за петто одделение во деветгодишно основно образование по овој предмет.
„Учебникот што досега го користеа петтоделенците е повлечен поради тоа што одредени содржини не одговараа на барањата од наставната програма со цел постигнување на планирани резултати од учењето и стекнување на потребни компетенции. По повлекувањето на учебникот, наставниците продолжуваат да ја спроведуваат наставата согласно наставната програма“, рекоа оттаму.
Учебникот беше полн со неточни информации и нелогичности. Имаше неточни тврдења во темата „Население и континенти“, но и лоши преводи на информациите. Така, наведено е дека на исток нашата земја се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Освен тоа, пишува дека Монт Еверест е највисока точка на земјата со висина од неверојатни 29.035 метри надморска височина, а најниска точка дека е Мртвото море кое е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Освен тоа, има и многу јазични и правописни грешки, а пример за тоа е реченицата „Австралија е најмалиот континент и е единствена во светот која е составена само од една држава“.
Извор: „Мета.мк“.
Стапки или метри? Исток или запад? Какви грешки најдовме во новите учебници за основно