Од Министерството за култура информираат дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата од денеска е достапен на Единствениот национален електронски регистaр на прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР) и на веб-страницата на Министерството за култура.
Предлог-законот го подготвила Работна група формирана со решение на министерот за култура, а во неа беа вклучени претставници на синдикатите, на Министерството за информатичко општество и администрација, на националните институции и на граѓанскиот сектор.
„Работната група работеше на Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата од април 2018 година досега, беа одржани две јавни дебати (во септември и во декември 2018 год.), а беа оддржани и многубројни состаноци со сите засегнати чинители во сферата на културата, националната и вонинституционалната култура. Предлог-законот објавен преку ЕНЕР е уште една можност за конструктивни предлози за усовршување на текстот на новиот закон за културата, кои ќе бидат разгледани од Работната група пред конечното утврдување на Предлог-законот и негово упатување во владина и во собраниска процедура. Примената на актуелниот Закон и проблемите што беа евидентирани при неговото спроведување повеќепати упатуваа на потребата од негово изменување и дополнување, па така Законот за културата од 1998 година досега е изменет 16 пати“, соопштија од Министерството за култура.
Од Министерството информираа дека во составот на Работната група биле:
– Златко Теодосиевски, вработен во национална установа, претседател
– Магдалена Диковска, раководител на Секторот за нормативно-управни работи и за авторското право и сродните права во Министерството за култура, член
– Фросина Ѓоршовска, раководител на Одделението за управни работи во Министерството за култура, член
– Билјана Тануровска-Ќулафковски, претставник на независната културна сцена, член
– Ивана Васева, претставник на независната културна сцена, член
– Валентина Поцевска, претставник на СКРМ, вработена во национална институција, член
– Александар Стојчевски, претставник на СКРМ, вработена во национална институција, член
Од Министерството посочуваат дека со донесувањето на овој закон ќе се направат повеќе суштински и концептуални измени, а, пред сѐ, со него културата ќе се дефинира како област од јавен, а не од национален интерес. Некои од позначајните измени со Предлог законот е менување на концептот на финансирање на јавниот интерес во културата, со два конкурси наместо досегашниот еден годишен конкурс. Со предлог законот се нуди и ново дефинирање на поимот самостоен уметник, се разработува постапката за продолжување на децентрализацијата на културата, а направено е и преиспитување на правото на „надомест на пензија“ на пензиониран уметник и стручен работник од областа на заштитата на културното наследство кои веќе добиле државни награди, како и на институтот „амбасадори во културата“.
„Со Предлог-законот се уредува аудицијата како обврска при вработување за првпат, без работно искуство, при мобилност или унапредување. Се предвидуваат измени во делот за реаудиција, а начинот, временскиот рок и критериумите за спроведување на постапката за контрола на квалитетот ќе се уредат со општ акт што го донесува Управниот одбор, на предлог од директорот, а по претходна согласност од Министерството за култура.
Со новиот закон ќе се создаде правна основа за поефикасен начин, поотчетно и потранспарентно финансирање на јавниот интерес во културата. Се предвидува наместо со досегашниот годишен конкурс, финансирањето да се врши врз основа на 2 редовни конкурси (во септември и во март); одлучувањето за финансирање проекти од областа на културата да се врши врз основа на оценка на оценувачи, кои ќе бидат именувани по пат на јавен повик, а работата на оценувачите за доставените проекти на конкурсите да биде уредена со правилник кој го донесува министерот за културата; доставувањето на пријавите на конкурсите на Министерството за култура треба да биде по електронски пат; националните установи да доставуваат годишна програма за работа која ќе биде подготвена врз основа на буџетско планирање за период од три години, а ќе се реализира преку годишни програми. За прифаќање на годишните програми на националните установи, предлог на министерот ќе даваат посебни стручни комисии кои ќе ги формира министерот.
Во конкурсите за други корисници ќе се објават приоритетите, буџетот по дејности и општи критериуми врз чија основа ќе може да се врши изборот на проектите од областа на културата од јавен интерес, а посебните критериуми и мерила ќе бидат уредени со правилник кој го донесува министерот за култура“, додаваат од Министерството за култура.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.