На годишнината од Нагасаки, Јапонија ги повика земјите да се откажат од нуклеарното оружје

Јапонија денеска им оддаде почит на жртвите од атомската бомба фрлена врз градот Нагасаки пред 78 години, повикувајќи ги земјите да се откажат од нуклеарното оружје, пренесува Н1.

Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, рече дека државите што поседуваат нуклеарно оружје треба „храбро“ да го отфрлат оружјето, за кое велат дека е наменето како нуклеарно одвраќање.

Ваква порака градоначалникот упати на комеморацијата, која беше многу помала од вообичаеното, поради минувањето на тајфунот Кануна.

Токму поради тајфунот, кој носи обилни дождови и силен ветер, на комеморацијата не присуствуваа гости од Јапонија и странство, меѓу кои и премиерот Фумио Кишида.

За прв пат од 1963 година, комеморацијата на жртвите не се одржа во Паркот на мирот Нагасаки, туку во изложбената сала.

На церемонијата во 11:02 часот имаше едноминутно молчење за жртвите, во спомен на 9 август 1945 година кога атомската бомба беше фрлена и експлодираше над Нагасаки.

Само во градот Нагасаки загинаа 70.000 луѓе директно од експлозијата, а уште 75.000 беа повредени. Три дена претходно, САД фрлија атомска бомба и го уништија градот Хирошима. Јапонија капитулираше на 15 август 1945 година.