Мноштво од инспирации на сцена и бура на идеи во публиката. На средината од фестивалот „Resonate 2013“ се претставија неколку личности кои се посветени на дизајнот и ја користат технологијата за подобрување на техничките изведби на нивните дела.
Сведувањето на елементите до нивната основа е концепт кој постои во неколку правци во дизајнот и неговата историја, но и користењето на пиксел како четка на виртуелни платна е експертиза на Raquel Meyers. Таа работи со графика и анимација со ниска резолуција. На сцената во белградскиот „Дом Омладине“ се претстави со својот експериментален начин на раскажување приказни преку текстуализирани визуелизации со ниска резолуција.
А ако се најдете на место каде што анимирани животни возат точак на улица, а цртежот комуницира со реални луѓе, не паничете – лицето за контакт е Camille Scherrer. Оваа девојка на сцената на „Американа“ салата го презентираше својот свет, во кој нејзините анимации прават интеракција со реалноста. Камил е инспирирана од флората и фауната од местото каде што е родена и тоа и помага да создаде одлични видеа во кои виртуелниот и реалниот свет се среќаваат на многу интересен начин.
Дизајнот претставува многу повеќе од само естетски карактеристики на еден производ. За комбинацијата на функционалност и естетика зборуваа дечките од Hi-Res!, Florian Schmitt и Andreas Muller. Нивната визија е да создаваат убави и корисни работи во кои ќе можат сите да уживаат. Наспроти нив, James Auger кој зборуваше за тоа како робот технологијата полека влегува во домовите на луѓето, презентираше производ во кој не уживаат сите. Станува збор за погребен ковчег кој биоматериите од распаднатиот труп ги претвара во електрична енергија. Затоа што, нели, сите во својот задгробен живот сакаме да сме батерија.
Spaces of play e студио од Берлин кое се состои од Mattias Ljungstrоm, Marek Plichta, Andreas Zecher и Martin Straka. Тие се група на независни дизајнери, визуелни уметници и музичари чија заедничка цел е создавање одлични виртуелни игри. Се фокусираат на оригинални идеи, како на пример играта B.U.T.T.O.N. (Brutally Unknown Tactics Totally OK Now), која бара активно учество од играчот надвор од виртуелниот свет.
Ноќта ја осветлија Mouse on Mars, чиј електронски звук ја наполни главната сала на Дом Омладине и ја предизвика кулминацијата на фестивалот. Електронскиот бенд, кој е во постојано себенадградување, докажа дека технологијата се уште нема граници, па дури и кога се создава музика вредна за слушање (и играње). Употребата на неконвенционални извори на звук звучи одлично во комбинација со нивната електроника.
Од Белград, Петар Антевски
Следете ги профилите на Радио МОФ на Твитер и Инстаграм за фотографии и известувања од настанот.