Грета Тунберг е обвинета за непочитување полициска наредба, само неколку месеци откако беше осудена за истото дело. Непочитувањето полициска наредба може да донесе максимална казна до шест месеци затвор во Шведска, јавува Евроњуз.
Шведската активистка за климата беше казнета во јули со 2.500 шведски круни, односно околу 200 евра, затоа што не напушти протест по наредба од полицијата.
Таа во текот на судската постапка призна дека не ја послушала полициската наредба, но се изјаснила дека не е виновна, велејќи дека постапувала од потреба.
Тунберг на новинарите во окружниот суд во Малме им рече дека е „апсурдно оние што дејствуваат во согласност со науката да ја платат цената за тоа“.
На прашањето дали би била повнимателна по казната, таа рече дека еко-активистите „дефинитивно нема да се повлечат“.
Само неколку часа по пресудата, Тунберг и други активисти од организацијата „Reclaim the Future“ се вратија на пристаништето Малме и го блокираа патот за камионите со нафта во знак на протест поради употребата на фосилни горива.
Грета Тунберг ќе треба да плати парична казна поради протестна блокада
Активистите, вклучително и Тунберг, повторно беа насилно отстранети од властите.
Во соопштението, обвинителите рекоа дека за демонстрациите на 24 јули „немале дозвола“ и го прекинале сообраќајот до фреквентното пристаниште. Тие додаваат дека климатските активисти „одбиле да ги послушаат полициските наредби да ја напуштат локацијата“.
Второто судење е закажано за 27 септември, а Тунберг може да се соочи со построга казна доколку биде осудена по втор пат.