Различните музички стилови ги карактеризираат бендовите кои се приклучија во „line up“-от на еден од најдобрите музички фестивали во регионов, хрватскиот INmusic фестивал.
Kон листата на музички имиња кои до сега се објавени, овој пат се приклучува и македонскиот бенд CONQUERING LION од Тетово. Нивниот настап на INmusic фестивалот е воедно дел од соработка со програмата CEETEP (Central Eastern European Talent Exchange Program), која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во регионот и во цела Европа, соопштуваат од Пасворд продукција.
Conquering Lion се даб / реге / хардкор бенд од Тетово, Македонија, формиран во април 2007. Во 2009 година тие го издадоа нивниот прв албум, кој е наречен едноставно “I”. Тој се состои од 10 песни, вклучувајќи и соработка со јамајканецот Jahom Clarityjem на песната Jah Love. Вториот албум е издаден 2011, и моментално работат на трето студиско издание.
Искуството го стекнаа со настапи низ Македонија, но исто така и во Германија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Бугарија, Грција, Романија и Косово. Досега имаат настапувано со големи реге имиња како што Gentleman, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote и други. На INmusic фестивалот гостуваат како бенд кој загарантирано ќе донесе добра енергија и ритам идеални за одмор и уживање.
INmusic фестивалот се одржува од 24ти до 26ти јуни во Загреб, а покрај Conquering Lion, своите настапи до сега ги потврдија Arctic Monkeys, Iggy and the Stooges, Basement Jaxx, Bloc Party, Editors, NOFX, Airbourne, Stealing Sheep, Team Ghost, Dikta, Atheist Rap, A Toys Orchestra, Mile Me Deaf, Rangleklods, She Loves Pablo, Dosh Lee, Radio Aktiv, Moveknowledgement, победниците на натпреварот „Засвирај за Жујом“, како и All about the music, Achromatic Attic и Roger The Mascot.
Билетите за INmusic кај нас може да се купат во продажната мрежа на МКтикетс, а фестивалот годинава обезбеди посебна поволност наменета само за фановите и посетителите од Македонија. Само во Македонија фестивалските влезници за INmusic, сѐ уште се продаваат по првата промотивна цена од 2.160 денари и 3.400 денари за пакет влезниците со камп сместување.