Од Министерството за внатрешни работи информираат дека изминатиов период имало поголем број пријави за лажни наградни игри онлајн, чија крајна цел е неовластено собирање на лични податоци од граѓаните.
Од МВР посочуваат дека оваа појава била забележана на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, преку отворање лажни профили со име на некоја позната компанија од земјава.
„При отворањето на лажните профили се користат логото и брендот на компанијата, со објава дека поради одреден повод (наводен роденден на компанијата и слично) се организира наградна игра со разни подароци за среќните добитници, како на пример вредносни ваучери, мобилни телефони и други наводни награди. Притоа од граѓаните, за да учествуваат во овие наградни игри кои се лажни, од се бара да извршат допаѓање „like“ на страната и на конкретната објава, во коментар да напишат „учествувам“, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра. Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда, а за нејзино подигање потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта“, информираат од Министерството.
Од МВР велат дека во интерес на заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последици што можат да произлезат, апелираат до јавноста за посебна внимателност при споделување на лични податоци на други лица, особено преку интернет.
„Воедно, апелираме до граѓаните со особено внимание и одговорно да постапуваат со своите лични податоци, да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет“, стои во соопштението на Министерството.