Дека некогаш треба да погледнеме подлабоко во однос на забавата што некоја музика ни ја нуди, покажуваат текстовите на двајцата познати босански музичари Едо Маајка и Френки. Нивната рап музика допре до младите.
И двајцата скромнии и интересни, ги сретнавме како јадат ќебапчиња по настапот на Пиволенд во Скопје, за кои рекоа дека се еднакво вкусни како и оние во Босна. Но настрана од храната, за Радио МОФ тие откриваат како е да се биде музичар на Балканот, зборуваат за лузните кои ги добиле за време на војната, но и за социјалниот револт и општествената критиката присутни во нивните албуми.
Тргнувајќи од Едо Маајка, кој низ своите пет албуми, а најмногу преку „Но сикирики“ (за ситацијата во Босна) и „Балканско, а наше“ (за ситуацијата во Хрватска) ги потенцира сите проблеми кои ги опкружуваат и гушат младите, додека тие се трудат да продолжат напред. Френки, пак, кој останал да живее во Тузла, низ своите песни повеќе се проблемите во неговата средина, а токму социјалната освестенот и остриот јазик е она поради кое прв пат годинава е номиниран како најдобар МТV adria изведувач.
Од каде идејата да ја напишетe „On je mlađi” , една приказна во која се раскажува нешто за кое денес веруваме дека сме го надминале одамна, како забранетата љубов меѓу две личности од различна вера?
Едо Маајка: Тоа беше реален приказ, затоа што и јас самиот сум имал некои навистина тешки ситуации во врска со тоа. Кога бев бегалец во Загреб, некои девојки ми раскинуваа само поради доа што сум Муслиман. Имав многу пријатели Срби и Хрвати, па сфатив дека и тие ги имаат истите проблеми. Па морав да направам една таква песна која зборува за тоа колку луѓето кои се млади и родени подоцна не се дел од лудилото и се обидуваат да променат нешто. Ние како општество, се разбира, тие луѓе мораме да ги бодириме.
А вашата песна,,Obećana riječ” во соработка Дадо Топиќ, во која се зборува за пост-воената меланхолична состојба во Босна и што се му прави војната на човекот?
Едо Маајка: Ме инспирираше Тузла и случувањата во Тузла (во Босна и Херцеговина) затоа што таму поминав еден дел од животот додека го пишував ова. Па ми се случија некои ситуации за кои не верував дека некогаш можат да се случат и ми беа добра инспирација целата приказна, но веќе после третата строфа кога се менува целото дејство, за тоа не ни размислував и ми дојде само од себе. Ништо не беше планирано.
„Mr. Policeman“ ја напишавте како критика на полициската бруталност и добивте многу позтивен фидбек. Денеска таа се препознава како еден од вашите најголеми хитови. Дали имаше некоја посебена случка која ве натера да ја напишете песната?
Френки: Па имаше, како и сите мои песни најголема инспирација ми претставува секојдневието.Во Босна, а верувам и во Македнија, поточно може да се каже на целиот Балкан, слична е ситуацијата со корупцијата. Таа тема и проблемите околу полицијата, ме наведоа да ја напишам песната. Секогаш оние мали делови што не окупираат, што се наслушуваат или гледаат, е она за кое што зборувам во песните. Оваа песна е посветена на нашата драга полиција. И секогаш ми е интересно, кога и да отидеме дали Белград, Скопје или Загреб луѓето најмногу ја сакаат таа песна, а тоа зборува многу дека се слични проблемите кај сите
Како ви се допаѓа публиката во Скопје ?
Френки: Во Скопје е секогаш одлично, за време на Пиволенд имаше неколку технички проблеми кои не беа ништо страшно, се случува. Кога дојдовме тука зборувајќи со пријателите кои го организираат нашиот настап, тие не прашуваа како ни е тука, каква е публиката. Јас им реков дека после Тузла, Скопје е наш град, каде ние живееме. Сме имале многу настапи и секогаш поминуваме најјако, публиката е секогаш лудница и затоа за Македонија и Скопје „Мassive respect“!
Едо Маајка: Чест ни е кога ќе не повикаат. Во Македонија се чуствуваме како дома.
Дали работите на некој нов проект моментално и како сте задоволни од вашиот последен албум „Тројанец“?
Френки: Моментално не.Секогаш нешто по малку се работи.Последниот албум е она од кое што сум многу задоволен.Имавме 7 видео записи и премногу свирки меѓу која една на плажата Оревче, баш во Охрид. Генерално се помина добро.
Но јас никогаш не прекинувам со работа, секогаш нешто пишувам и работам, па кога – тогаш го објавувам.
Каква гледате на денешната ситуација во Босна?
Френки: Политички е иста ситуацијата,односно се стои во место, се вртиме околу истите работи константно. Околу некои национални политики и приказни, а што се однесува до културата мислам дека се случува некој процес меѓу младите, позитивен, така што хип хопот во Босна расте. Има многу нови изведувачи во Сараево, Тузла, Зеница, Мостар… мислам дека најмногу ова се случува поради интернетот и социјалните мрежи. И премногу ми е мило поради тој факт што се создава таква култура на живеење кај младите.
Сара Миленковска