„На коњите им се кратки нозете“ – изложба на Кооперација во Белград

Уметничката иницијатива Кооперација која создава и ја промовира критичката уметност како одговор на сложената состојба во Македонија, ќе гостува во белградската галерија Ремонт со изложбата „На коњите им се кратки нозете“чие отворање е најавено во понеделник (24 ноември).

Untitled

Насловот на изложбата доаѓа од графитот кој се појави на зградата на Министерството за култура во Скопје по објавувањето на моделите за првиот пар споменици со коњаници од проектот „Скопје 2014“.

На изложбата ќе се претстават уметниците Игор Тошевски, ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски), Оливер Мусовиќ,  Филип Јовановски, Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Владимир Јанчевски.

Преку изложбата „На коњите им се кратки нозете“Кооперација прави пресек на досегашните обиди да се тематизираат и проблематизираат современите општествени феномени, преку лоцирање на точките на преклопување на критички ориентираната уметност и пропагандните механизми, како и опасностите и последиците од враќањето на големите нарации кои резултираат со неконтролирани националистички изблици. Авторите застапени на изложбата презентираат дела кои се (директна) реакција на еднонасочните инструментализирачки механизми и централизираните културни политики кои се причина за радикална поделеност на македонското општество и заострени конфронтации. Во делата, кои се документ на нивните естетско-морални позиции, авторите, отфрлајќи ја упростената иронична дистанца кон проблематичната стварност, истата ја проблематизираат искористувајќи различни, но сепак видливо конвергентни стратегии и постапки – од отврена критика, до симулација на претерана идентификација, во обид да го разоткријат социо-политичкиот контекст и да го делегитимираат доминантниот, наметнат дис

-Уметниците се ставени пред сериозен предизвик како да го одбранат заедничкиот простор, бидејќи токму просторот на јавноста, е неопходниот услов за спроведување на демократијата. Овде, борбата за автономија не се однесува на автономијата на уметничката дисциплинарност во специфичноста на уметничките медуми и нивната внатрешна логика, ќорсокак до кој доведе модерната телеолошка концепција за уметноста. Напротив, таа се однесува на нешто многу побазично, многу попшто, а тоа е сувереното демократско право да се биде општествено активен, одговорен, да се изразува спремност да се предлага, да се критикува. Правото на мислење и аргументирана борба за сопствената позиција е основен предуслов за живот во заедница, дури и во целосно фрагментирана реалност, или во најмала рака, за непречено и рамноправно споделување на истиот физички простор, посочуваат од Кооперација.

Изложбата во Белград ќе биде отворена до 29 ноември.