Високи концентрации на линдан (НСН) покриен со отпад од стакло покажале испитувањата што Министерството за животна средина ги направи на локалитетот Пеленица што се наоѓа над скопската населба Драчево. Опасниот отпад од ОХИС не бил ставен во бетонски базени, како што е случајот со двете депонии во кругот на фабриката, што ја прави Пеленица особено опасна за загадување на почвата и подземните води, пишува Мета.
Според испитувањата на неколку мерни места на локацијата, високите концентрации на HCH се детектирани во покривниот слој, на длабочина помала од 20 сантиметри. Опасниот отпад е помешан со градежен шут и отпад од фабрика за стакло, а на длабочина од само половина метар е најден чист линдан.
„Депонијата содржи неколку видови опасен отпад. Чист HCH околу 40.000 тони и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло. Примероците земени од локацијата содржат и високи концентрации на хлоробензени и диоксини и фурани. Се наиде само на едно метално буре со отпад, другите буриња можеби биле отстранети во минатото, а содржината од истите расфрлана на локацијата. Има и градежен отпад и отпад од рушење“, стои во извештајот од Министерството.
Почвата која е под депонијата, исто така е контаминирана со линдан, но засега не се знае во која длабина. Загадени се и подземните води во близина на локацијата и постои ризик од ширење на загадувањето. Она што е најопасно, покажува испитувањето, е контаминацијата на површинскиот слој на почвата во Пеленица, бидејќи опасниот отпад е присутен во контактната зона.
Од Министерството информираат дека има три опции за ремедијција, а како најдобра e оценета опцијата за покривање на локацијата, вклучувајќи го и насипот, за да се спречи директен контакт со контаминираната површинска почва и да се ограничи идната инфилтрација на дождовните води во локацијата. Контаминираните подземни води ќе се мониторираат, а можно е да се пропишат и ограничувања за нивно користење, во зависност од резултатите од мониторингот.
Истражувањето го направи компанијата Деконс Ема, заедно со подизведувачот TAUW од Холандија во текот на ноември, а земањето примероци го следеше и ревизорски тим составен од професори од Институтот за Хемија на Природно-математичкиот факултет. Анализата на примероците се направи во лабораторијата „Eурофинс“ во Холандија и чинеше околу три милиони денари.
Мета.мк, веќе неколку години пишува за опасноста од третата депонија на линдан, која е надвор од кругот на ОХИС, а како резултат на тоа пред три години беше поставена ограда за да се спречи движењето во контаминираната област.
Според информациите, се претпоставува дека линданот тука бил депониран во седумдесеттите години од минатиот век од страна на ОХИС, откако било забрането неговото производство и употреба. Во меѓувреме, Пеленица била користена за организација на училишни екскурзии, пред да се загради и забрани движењето пред три години.
Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките. Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.