Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.
Свеченото затворање на манифестацијата годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата.
„По две години тишина, Мостот на поезијата ќе пулсира од ритмичните стапки на светските поети. Тишина, која како поетска цезура, става печат на значењето на она што беше пред неа и она што следува“, рече на отворањето актерката Софија Насевска Трифуновска.
Годинешниот лауреат, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, поради поодмината возраст не присуствува на фестивалот, а признанието во негово име го прими неговиот син, истакнатиот јапонски композитор и пијанист Кенсаку Таникава.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Манифестацијата беше надополнета со изведбата на бендот „Пијан славеј“, кои во текот на вечерта изведоа три песни „Вистината нудист“, „Штета“ и „Клинч“.
Директорот на „Струшките вечери на поезија“, Тодорче Тасевски, истакна дека годинава за време на отворањето на фестивалот понудиле смел и нов концепт, а тоа е авторска преработка на песната „Т’га за југ“. Режијата на настаните се на познатата македонска режисерка Зоја Бузалковска, сценографијата на ОТП студио, а дизајнот на плакатот на струшкиот уметник Енкел Дика.
„Можам да кажам дека сум задоволен од изданието. Поради метеролошки услови свеченото отворање беше на летната тераса на хотел „Дрим“. Фестивалот по две последователни изданија во изминатите години во услови на ковид-пандемија, оваа година се вратија во препознатливиот формат“, изјави Тасевски.
Тој посочи дека посебен белег на фестивалот дал и импресивниот настап на јапонски композитор и пијанист, Кенсаку Таникава во рамки на портретот на лауреатот во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
„Освен вообичаените публикации, оваа година ја издадовме антологијата „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја нагласи врската помеѓу поезијата и музиката како што таа врска е потенцирана и во мотото на годинешното издание `Ритамот на стихот, ритам на животот`“, додаде Тасевски.
Од Фестивалот соопштија и дека песната „Куклици“ на македонскиот автор Андреј Ал-Асади ја доби наградата „Енхалон“ , која се доделува за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.
Жири-комисијата во состав Елена Пренџова (претседателка), Игор Трпчески и Биљана Стојановска (членови) во своето образложение велат дека станува збор за песна со цврста структура .
„Во избор за наградата беа песни од повеќемина млади, но етаблирани македонски поетеси и поети со изграден впечатлив авторски потпис. Жири-комисијата ја избра песната „Куклици“ од Андреј Ал-Асади поради оригиналниот поетски спев со кој се наметна. Имено, „Куклици“ претставува т.н. заумна поезија; станува збор за песна со цврста и стегната структура и силна звучност. Стихот е вешто граден, распореден во строго формирани строфи, а звучноста е комбинација од мајсторски рими, алитерации, асонанци и внатрешно-стиховни созвучија креирани во духот и менталитетот на јазикот. Ваквата структура на песната наметнува соодветна интерпретација, која пак упатува на визуелизација на стиховите во умот на слушателите. Конечно, заумната песна на Ал-Асади ни кажува дека станува збор за поет-мајстор на стиховите, кој длабоко ја осмислува и обмислува својата песна до совршенство“, стои во образложението на жири-комисијата.
Фестивалот традиционално ќе заврши со поетско читање во Скопје, кое ќе се одржи денес во Даутпашиниот амам со почеток во 20:30 часот.