На Нигеријка ѝ се заканува затворска казна поради рецензија на доматно пире

На Чиома Околи од Нигерија, 39 годишна мајка на три деца, ѝ се заканува затворска казна до 3 години поради напишана објава на Фејсбук против доматното пире „Нагико“ произведувано од компанијата „Erisco Food Limited“. Активистите и групите за права велат дека нејасните закони за сајбер криминал во Нигерија се користат за да се замолчат новинарите и обичните граѓани кои изнесуваат ставови, известува Ал Џазира.

Таа на 16 септември минатата година на нејзината Фејсбук страница за мали бизниси со неколку илјади следбеници објавила рецензија дека производот има поблаг вкус од другите, прашувајќи ги оние што го пробале што мислат.

„Престанете да го расипувате производот на брат ми, ако не ви се допаѓа, користете друг, а не да го пренесете на социјалните мрежи“, гласел еден од коментарите на објавата.

„Помогни ми да го советувам твојот брат да престане да ги измачува луѓето со неговиот производ“, одговорила Околи на овој коментар.

Два дена подоцна, објавата собрала повеќе од 2500 коментари. А, истата недела, како што раскажува таа, додека излегувала од црква со својот сопруг, ја нападнале двајца мажи и една жена во цивилна облека кои рекле дека се полицајци и ја однеле во полициската станица во Огуду.

„Ме одведоа во една соба, седнав и донесоа повеќе од 20 страници и ми рекоа тоа се моите обвиненија. Заборавив на објавата, па се сетив. Ме обвинуваа за изнуда, уцена и дека водам синдикат“, вели Околи.

Еден ден по апсењето ја однеле во главниот град Абуџа за да биде испрашувана во седиштето на полициските сили, каде била задржана неколку дена.

Како што истакнува таа, во станицата дошол и Ерик Умеофија, извршен директор на компанијата која го произведува доматно пире, по што ја одвеле во канцеларија да го види. Тој ѝ викал дека таа сакала да му го уништи 40 годишниот бизнис, ја обвинил дека е платена од некој за да му го уништи бизнисот и барал да го именува лицето кое ѝ платило.

Исто така, Умеофија од неа побарал и извинување, како и да објави јавна изјава на нејзините социјални мрежи и во три национални дневни весници. Дополнително, компанијата поднела граѓанска тужба против Околи барајќи отштета од 5 милијарди наири, односно над 3 милиони долари.

Таа вели дека напишала две изјави, но тие биле одбиени и од неа побарале да копира веќе подготвена изјава за признавање. Исто така, немала ниту присутен адвокат со неа на испрашувањето.

На 29 септември претходната година регулаторната агенција за храна и лекови во Нигерија „NAFDAC“, објави дека нивото на шеќер во пирето Нагико е безбедно за човечка исхрана.

Во соопштението на „Erisco Food Limited“ за јавноста се наведува дека Околи поднела „злонамерно обвинение“ против брендот и дека тие ќе ги искористат сите законски средства за да го исчистат името и угледот на компанијата. Додека пак, полицијата ја обвини за „поттикнување луѓе против компанијата, знаејќи дека наведените информации се лажни“, и ја повика да ја затвори страницата за кампањата на „GoFundMe“, платформата за групно финансирање и прибирање средства, што беше формирана за да ја поддржи нејзината правна одбрана откако нејзиниот случај излезе во јавноста.

Нејзиниот адвокат во меѓувреме поднесе тужба од 500 милиони наири, односно 374.175 долари против „Erisco Foods Limited“ и полицијата.

Околи била изведена на суд на 28 мај каде нејзиниот адвокат открил дека доживеала спонтан абортус за време на борбите за тековниот случај, по што била задржана во затвор, па ослободена откако ѝ била платена кауција.

 

Наредното судење е закажано за 13 јуни и доколку биде прогласена за виновна, може да се соочи со затворска казна до 3 години.

Инаку, Околи е само еден од неколкуте Нигеријци кои се уапсени, притворени или обвинети за наводно кршење на законите за сајбер криминал во земјата, кои имаат за цел да обезбедат критични национални информации, како и да ги заштитат граѓаните од сајбер-протекување. Меѓутоа, групите за права велат дека се повеќе и повеќе се користи против новинари, активисти, дисиденти, па дури и обични луѓе кои објавуваат извештаи и ја изразуваат својата слобода на говор.

Дополнително, според Комитетот за заштита на новинарите во Нигерија, од воведувањето на Законот за компјутерски криминал во 2015 година до сега гонети се најмалку 25 новинари. Оваа држава е рангирана на 112 од 180 земји на Светскиот Индекс за слобода на печатот според Репортери без граници (RWB).