Поетско читање по повод 21 март, светскиот ден на поезијата денес традиционално се одржа во Македонската академија за науки и уметности.
На поетското читање организирано од страна на Македонскиот П.Е.Н. Центар и Друштвото на присателите на Македонија, поезија прочитаа Катица Ќулафкова, Димитар Башевски, Виолета Танчева-Златева, Веле Смилевски, Дeлвинa Крлуку, Зоран Анчевски, Иван Џепароски, Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски, Јовица Ивановски, Сузана В. Спасовска, Тихомир Јанчовски, Никола Маџиров и Влада Урошевиќ.
Помеѓу поединечните настапи на поетите, биле прочитани и пет песни од украински поети, како гест на поддршка за запирање на сите воени дејствија и враќање на мирот во Украина.
Поетското читање по повод Светскиот ден на поезијата годинава се надоврза на свеченото прогласување на лауреатите на СВП во МАНУ. Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е Шунтаро Таникава, а добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра меѓународна дебитантска поетска книга е италијанскиот поет, Џерардо Мазучо.
„Шунтаро ја гради својатa поетика, препуштајќи и’ се на гравитацијата на метафизичното, длабоко расекувајќи го емпириското ткиво на јазикот. Тој од јазикот за поезија ја гради поезијата на јазикот“, истакна Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата.
Шунтаро Таникава е роден во Токио во 1931 година, а неговите дела се преведени на многу јазици во светот.
Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор, која ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКО е италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Џерардо Мазучо е роден во 1991 година. Откако ги завршил Класичните студии, дипломирал Авторски права, а потоа и Издаваштво на Универзитетот Бокони. Во 2020 година, ја основа издавачката куќа „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција и белетристика. Поезијата на Мазучо е дел од антологии, списанија, посебни веб-страници и некомерцијални памфлети.
Неговата прва книга „Дотука живееше човек“ се стекнува со критички и комерцијален успех на национално ниво. Номиниран за шест книжевни награди, тој е добитник на најважната италијанска награда за поетски дебитанти „Премио Камаиоре“, како и „Премио Сан Доменикино“ за најдобро поетско издание на годината.