Јутјуб блогер од Франција тврди дека ПР компанија му понудила пари за да шири дезинформации за вакцинацијата против Ковид-19 на неговите 1,17 милиони претплатници на видео платформата.
Лео Грасе, кој е познат како „DirtyBiology“ онлајн, бил известен дека компанијата зад проектот ќе вложи голема количина финансии.
Грасе на Еуроњуз им покажал повеќе мејлови од лице кое тврди дека работел за британска ПР компанија. Во нив му се нуди можност за „информативна кампања“ во која од блогерот се бара да пренесува лажни тврдења на Јутјуб, ТикТок и Инстаграм дека вакцината на Фајзер за Ковид-19 е три пати посмртоносна од онаа на АстраЗенека. Компанијата истовремено сакала тој да изнасува јавни сомнежи за тоа зошто Европската Унија набавува Фајзер вакцини во големи количини, а требало и да ги обесхрабрува луѓето да веруваат на познатите медиуми.
Компанијата не сакала видеата кои би ги работел блогерот да бидат брендирани ниту пак да се знае дека тие стојат зад проектот.
„Една од главните поенти на кампањата е да се однесувам како јас да откривам нешто ново што медиумите не го следат… бидејќи се работи за некаква голема завера“, објаснува Грасе, кој наскоро треба да ја прими својата вакцина против Ковид-19.
Меѓу другите насоки кои му биле испратени на блогерот се и да не се користат зборовите „реклама“, „спонзорирано видео“ и слично во неговите објави на темата. Сите содржини би требало да изгледаат како негови совети за публиката.
„Пренесувај ја содржината природно. Изгледај како да имаш страст и интерес за темата. Презентирај ја содржината како да е твое независно мислење“, стои во насоките.
Грасе тврди дека адресата во Лондон која му била дадена од компанијата не била точна, ниту пак компанијата е регистрирана како британско правно лице.
„Сите вработени имаат чудни профилина Линкедин… кои одеднаш исчезнаа утрово. Сите тие работеле во Русија претходно“, напиша во твит Грасе.
„Не постои регулација, нема институција која надгледува што правиме ние (инфлуенсерите)… па се надевам дека ова може да отвори дискусија за проблемот. Ние имаме одговорност, имаме публика која можеме да ја манипулираме – без разлика дали тоа ви се допаѓа, или не“, вели Грасе за Еуроњуз.