Околу 500 вакцини биле ставени од средината на септември на вакциналниот пункт на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Овој вакцинален пункт е направен со цел да се омасовува и да се зголемува бројот на членовите од академската заедница, пред сè студентите, но и професорите и академскиот кадар на Универзитетот да имаат подобар, побрз пристап до вакцините“, рече денеска ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.
Пунктот има обучен кадар од двајца доктори и две медицински сестри од Поликлиниката при Универзитетот. Ректорот Јанкуловски апелираше ресурсите што ги нуди пунктот да бидат искористени максимално од академската заедница. Сепак, нема да биде вратен и некој друг ако дојде, истакна тој.
Вакциналниот пункт на УКИМ е отворен секој работен ден, од 8 до 14 часот.
Во училиштата ќе се прави скрининг по случаен избор
На пунктот при УКИМ денеска својата трета доза ја прими и новиот министер за здравство Беким Сали. Тој го повтори ставот на надлежните дека наставата во второто полугодие ќе продолжи од вторник (1 февруари) со физичко присуство.
„Според нашите искуства нема да има потреба од онлајн настава во овој период, затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела“, изјави Сали.
Тој најави скрининг по случен избор на деца и во зависност од тоа ќе се преземаат нови мерки.
Претходно, од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) изразија загриженост поради донесената одлука за физичка настава во второто полугодие.
„Отворените прозорци во училницата нема да го спречат ширењето на вирусот. Влада, МОН, преиспитајте ја одлуката додека не е доцна!“, стои во нивната реакција.