„На работ“ е трансмедијален и трансдисциплинарен проект на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ, кој содржи повеќе просторни сегменти од целината, и кој во форма на изложба ќе биде претставен во предизвикувачкиот амбиент на Чифте амам. Отворањето е во вторник (10 септември) во 20 часот.
Станува збор за е ангажирана контекстуална реакција на, како што се вели во најавата, „општествено-политичкиот галиматијас кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција“.
„Тој се занимава и со дневнополитички прашања, но на прво место стои социолошкиот аспект, меѓучовечките односи, генетскиот код на ‘малиот’ или ‘големиот’ човек, начините на живеење… Наневски и Јовановиќ, всушност, спроведуваат социјален конструктивизам, кој се користи во социологијата и според кој реалноста не е вродена, туку општествено конструирана преку јазикот, симболите и споделените значења. Оттука, преку својот проект „На работ“, тие ги конструираат, деконструираат или реконструираат општествените реалности. Тие ги преиспитуваат или критикуваат овие конструирани реалности, истакнувајќи ги начините на кои се обликуваат општествените норми и вредности“, пишува во описот за изложбата.
Инсталацијата, видеото и вокалниот перформанс „На работ на релативноста“, подвижните слики со социјален експеримент „Антропосфера“, видеото „На работ“, инсталацијата „Последната голтка“, видеоперформансите и објекти „Рекет“ и „На работ на пријателството“, комплексната инсталација со видеопроекција “The Revolution will be Televized” и многуте други сегменти од целокупниот проект ги, како што вели авторот на текстот за изложбата, „критикуваат или предизвикуваат општествените норми и структури на моќ, ги истражуваат социјалните идентитети и како тие се конструирани или перципирани, ги вклучуваат заедниците, ја применуваат идејата како форма на социјален коментар или активизам, размислуваат за секојдневниот живот и човечката состојба низ социолошкиoт објектив“.
„На работ“ ќе биде отворена до 27 септември.