Индексот на родова еднаквост во Северна Македонија во 2022 година изнесува 64,5 од максимални 100 поени и забележува прогрес од 2,5 поени споредено со последното мерење во 2019 година, покажа новата публикација објавена на Државниот завод за статистика.
Заклучокот во истражувањето е дека во споредба со просекот на ЕУ, темпото на прогресот на С. Македонија се смета за бавно и недоволно за постигнување на родова еднаквост на ниво на ЕУ.
Доколку се следат резултатите од индексите во секоја од поединечните категории, најголем прогрес се забележува во категоријата „Моќ“ (+6 поени), „Знаење“ (+2,8 поени) и „Пари“ (+2,2 поени). Помал напредок се регистрира во категоријата „Работа“ (+1,3 поени), додека застој има во категориите „Здравје“ (+0,1 поени) и „Време“ (каде нема промена бидејќи нема нови податоци). Споредено со последното мерење, С. Македонија не бележи назадување во ниеден од домените што го сочинуваат Индексот.
Земјава се наоѓа на 14 место од вкупно 31 држави според последниот Индекс, заостанува за 3,5 поени зад просекот на земјите членки на Европската Унија, а забележува најдобар резултат во споредба со шесте држави од регионот вклучени во истражувањето (Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Хрватска и Црна Гора).
Во истражувањето се наведува дека од последната публикација во 2019 година, С. Македонија поминала низ неколку значајни реформи и промени во поглед на политиките и процесите на унапредување на родовата еднаквост. Се забележува одреден напредок во законската и стратегиската рамка за унапредување на родовата еднаквост во земјата, но покрај напредокот на нормативно ниво, останува предизвик доследната имплементација во практиката.
„Во претстојниот период неопходни се унапредувања на политиките со цел да се подобри положбата на жените и со тоа да се намалат значајните родови нееднаквости во домените Работа, Пари, Време и Моќ. Во Стратегијата за родова еднаквост 2022 – 2027 година е пропишана генералната рамка за постапување на релевантните институции за понатамошно дефинирање на специфични политики и мерки за подобрување на економската активност на жените, финансиската сигурност, како и подобрувања во распределбата на неплатената домашна работа и грижата за децата. На пример, дел од очекуваните резултати целат кон пораст
на активноста на жените на пазарот на труд со фокус на маргинализираните жени, кон намалување на родовиот јаз во платите, намалување на секторската и хиерархиската сегрегација на работното место, како и воспоставување мерки за рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот во согласност со Директивата на ЕУ 2019/1158 за рамнотежа на работниот и приватниот
живот, како и родово сензитивни мерки во време на кризни и вонредни состојби (Службен весник на РСМ, бр. 170/2022). Сепак, стратегиските цели во Стратегијата се широко дефинирани и недостигаат специфични таргети и директно надлежни институции по цели, што може да претставува предизвик во планирањето, имплементацијата и мониторирањето на постигнатиот прогрес кон предвидените стратегиски цели“, се наведува во извештајот.
Од 31 држави во публикацијата, најголема родова еднаквост се регистрира во Шведска (83,9 поени), Данска (77,8 поени) и Холандија (77,3 поени). Најлошо стојат Грција (52,5 поени), Унгарија (53,2 поени) и Романија (53,7 поени). Најголем напредок од сите држави имала Естонија (+8,1 поен), додека единствена земја која назадувала е Полска (-0,3 поени).
Резултатите на Индексот за родова еднаквост се мерат преку поени остварени на скала од 1 до 100, каде што 1 означува целосна нееднаквост, а 100 претставува целосно постигнување на родова еднаквост во земјата.
Националниот Индекс на родова еднаквост за Северна Македонија е развиен од Министерството за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија во соработка со Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE), во рамки на соработката на Институтот (EIGE) со Западен Балкан и Турција преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија.
*Забелешка: Податоците од С. Македонија на Индексот за родова еднаквост за 2022 се засноваат на податоци од 2019 година, додека Индексот за земјата во 2019 година се базираше врз податоците од 2015 година. Споредба се прави со Индексот на родова еднаквост на ЕУ публикуван во 2021 година, кој е заснован врз податоци од 2019 година. Целосната публикација е достапна на следниов ЛИНК.