Најславната улица во Париз во неделата беше претворена во училница на отворено, откако речиси 1.400 луѓе учествуваа во натпревар во пишување со кој беше срушен светскиот рекорд.
На булеварот Шанзелизе, пред Триумфалната капија беа наредени 1.700 клупи за настанот кој беше наречен „најголемиот диктат во светот“.
Натпреварувањето се состоеше од три рунди. Во секоја од нив на натпреварувачите им беше читан текст кој тие мораа да го напишат без грешка.
Во првата рунда вкупно 1.397 луѓе учествуваа во диктатот на кратка приказна од писателот Алфонс Доде од 19 век. Токму таа рунда доби признание од Гинисовата книга на рекорди како најголемо натпреварување од таков вид, пренесоа француските медиуми.
За настанот биле пријавени околу 50.000, а учествувале околу 5.000 луѓе, најголем дел од нив ученици.
Втората и третата рунда од диктатот беа базирани на модерна кратка приказна и текст за рагби.