Учениците се тепаат, родителите се уплашени, надлежните велат дека преземаат се што е во нивна моќ. Радио Слободна Европа анализира на што се должат зачестените тепачки меѓу младите и што треба да се преземе за да се спречи тие да се повторуваат во иднина?
Да ти е страв да пратиш дете на училиште. Вака реагираат родителите и бабите и дедовците по зачестените инциденти меѓу младите. Некој ги чека децата пред училишните порти, други не ги пуштаат неколку дена на училиште, стравот постои, велат тие.
Се плашат возрасни, се плашат и децата. Но, дел од учениците велат дека веќе се навикнале оти тепачките се чести, се вели во саботната анализа на РСЕ.
Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција, кој е наставник во основно училиште и родител, вели дека искуството покажало дека тепачките кај тинејџерите веќе не предизвикуваат страв, туку раѓаат потреба за одмазда.
„Кај нив се создава едно мислење дека она што се случува е сосема нормално, дека тоа е едно празнење на негативната енергија. Немајќи со што друго да се занимаваат, веќе почнуваат да се занимаваат дури и со политика и многу често посегнуваат по одмазда. Ако денес се случи во едно училиште, тоа веќе станува некое помодарство, утре ќе се случи во друго, ако денеска се случи во еден автобус, утре ќе се случи во друг“, вели тој.
Одвреме навреме ситуацијата се повторува, младите ќе се степаат, а потоа полицијата и општеството ќе се мобилизираат. Родителите и училиштата спас бараат во МВР, полицијата, пак, вели дека работат според надлежностите и така прстот се вперува во некој друг до некоја следна тепачка.
И семејството и училиштето и општеството и политиката се виновни за ваквата ситуација, вели професорот Нелко Стојановски, кој долго време предавал социологија на општествени девијации.
„Од една страна зборуваме за криза, економска, општествена, за бесперспективност на младите, за семејна криза, зборуваат дека значајно е пораснат бројот на разводи, со тоа страдаат најчесто младите, па на училиште се преокупирани со свои проблеми и младите се во една посебна фаза од својот развој кога се бараат самите како личности и тогаш поставени понастрана од овие институции кои треба да ја насочат нивната енергија кон некоја посветла перспектива, тогаш се случуваат вакви нешта, а реков и дека имам впечаток дека има и политички мотивации“, вели Стојановски.
Ученици од средното хемиско училиште Марија Кири Склодовска во неколку наврати беа инволвирани во тепачки. Директорот на училиштето Павле Павлов, вели дека, иако тепачките се случувале надвор од училиштето, сепак станува збор за ученици и школството е должно да им укажа на тоа да се однесуваат примарно без разлика каде се.
„Очекуваме и се надеваме дека тие ќе можат да ги лоцираат тие субјекти кои допринесуваат до вакви ситуации и полека да им се стави крај на сите. Ние педагошко-дидактички делуваме на нашите деца, меѓутоа знаете како е –есапот дома и на пазар не е исто, тука велат – да, да, да и на крајот сето тоа некој ќе го растури. Тоа не е во интерес на никого, тука нема победници, сите страдаат, особено страда угледот на училиштето, затоа што утре задутре треба да се запишуваат ученици, а верувајте родителите дуваат и на јогурт. Ако добијат впечаток дека во некое училиште има почесто такви учесници во такви глупости, верувајте дека ќе се подзамислат дали и каде ќе го запишат своето дете“, вели Павлов.
Насилничкиот порив доаѓа од погрешните политики и практики на власта и институциите, вели Џабир Дерала од Центарот за слобода Цивил. Дерала вели дека е дојдено времето час поскоро да се надминат овие практики и да се почне со почитување на човековите права и слободи и со доследно спроведување на принципите на едно цивилизирано живеење во едно демократско општество. Превентивно може да делуваат училиштата, вели Дерала.
Невладината организација спровела истражување за распространетоста на култот кон оружјето кај младите од 16 до 22 години. Истражувањето покажало дека дури 38 проценти од младите имале најмалку еден физички контакт со огнено оружје. Од Цивил порачуваат дека е потребна итна, сериозна, доследна и долгорочна мултидисциплинарна акција за заздравување на општеството и надминување на културата на омразата и предрасудите, за да се надмине и култот кон оружјето и насилството.
Во првите девет месеци од годинава, според податоците на Министерството за внатрешни работи, се регистрирани 109 инциденти во средни и основни училишта. Во тие инциденти се повредени 101 ученик, од кои тројца потешко. Полицијата во тој период поднела кривични пријави против 21 малолетник и прекршочни против 119 ученици.
Што се однесува за инцидентите од пред десетина дена во близина на скопско Стајковци и во автобуси на ЈСП, полицијата соопшти дека се расветлени два од трите инциденти. Идентификувани се учесниците во инцидентите што се случиле во автобуси на ЈСП со број 33 и број 7. Сите лица кои учествувале во насилството се малолетни, со што бројот на малолетници кои годинава се откриени и санкционирани заради учества во инциденти се искачи на 150 лица, соопшти МВР.