Заштитата на урбаното зеленило во Скопје, но и потребата од неговото планирање беа главните поентите и фокусот на вчерашната панел-дискусија насловена „Урбаното зеленило како основа на идните урбанистички планови“. На дискусијата која се одржа во новоотворениот Студентски културен центар зборуваа неколку стручњаци во областа, а потоа следуваше дискусија со публиката.
Пејзажната дизајнерка Викторија Брндевска Стипановиќ истакна дека сите треба да се трудат на свој начин да придонесат за подобрување на урбаното зеленило, додавајќи дека тоа ни го прави животот полагоден, поубав и поквалитетен.
„Сите знаеме за важноста на шумите, тоа е доста актуелно, знаеме дека се бели дробови, дека без нив не може да функционира целата планета земја, но особено добро е тоа што во последните години, па повеќе, кај нас можеби и не толку многу, актуелни стануваат и се зема во предвид колку се важни урбаните шуми. Така да, веќе сме свесни дека сме претерале со таа урбанизација, дека е време да се вратиме назад кон природата и да го подобриме светот во кој што живееме“, вели Брндевска Стипановиќ, која е асистентка на Катедрата за проектирање и подигање на зелени површини на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг.
Таа појасни што се’ влегува под „капата“ на урбана шума, велејќи дека бенефитите се многу големи, а истовремено и дека создаваат и простор за социјализација, рекреација, здравје, благосостојба, дека прават сенка под која што можеме да се најде мир, одмор и слично.
„Исто така, треба да земеме предвид дека зеленилото само по себе, како и да го ставиме, секогаш нема да ја врши истата функција, односно нема да го добиеме целосниот бенефит од него, ако не го ставиме на право место, ако не искомбинираме точно како што треба, и ако не е претставено како што треба“, вели пејзажната дизајнерка.
Брндевска Стипановиќ посочува дека секоја композиција е составена од повеќе елементи и за да биде успешна, треба да биде правилно оформена, а и дека е ист случајот со парковите.
„Паркот претставува парковска композиција, и сите тие елементи и компоненти од аспект на растителноста, на архитектурата, на скулптурата и на водата, мора да бидат искомбинирани правилно и да претставуваат една целина која што е неделива, која што ние ќе можеме да ја користиме и да ги црпиме сите бенефити буквално од неа“, рече таа.
„Еден пејзажен дизајнер кога треба да стартува со организирање, формирање, со правилен план за еден простор, најпрво мора да направи една анализа, што сакаме да добиеме со тој простор, што ни е потребно на нас. Треба да знаеме кои таргет групи ние треба да ги задоволиме, кои ќе бидат корисниците, дали сакаме да примамиме и некои други корисници освен тие што го посетуваат вообичаено околниот простор, жителите што живеат тука, луѓето што работат, што поминуваат случајно на работа и слично. Откога ќе се направат тие проценки, конкретно кога станува збор за парковска површина, настапуваме кон проектирање на тој еден дел. Секогаш кога го проектираме тој дел, мораме да го изанализираме целиот простор за да сфатиме далии можеби некои елементи односно содржини, не ги дуплираме и дали е потребно да ставиме нагласок на некои други елементи“, додаде Брндевска Стипановиќ.
Урбаниот дендролог Бојан Симовски, вонреден професор на Шумарскиот факултет, меѓу другото се осврна на изборот на видови дрвја кои се садат кога се планира одредена парковска површина. Објаснуваше и за урбаното зеленило преку повеќе примери, задржувајќи се на паркот „Македонија“ во скопската населба Капиштец.
„Ако направиме споредба, богатството на видови таму е едно од најголемите, бидејќи станува збор за релативно нова зелена површина на рамниште на дендро-паркот во загрепскиот универзитет и шумарскиот факултет, далеку повеќе од оној во Босна и Херцеговина. Ако споредиме со други паркови во овој регион кој е прилично богат, ако зборуваме за разновидноста на изборот на урбаната дендро-флора – тоа се оние дрвенести растенија што се засадуваат“, вели Симовски.
Но, тој посочи дека треба да се мисли и на социо-економската вредност.
„Научно ми пречи што кога ги проектираме парковите, првенствено го гледаме просторот естетски. Нели, тука треба да има цветна површина, убава во одреден период која можеби ќе понуди сезонска динамика, дека овде ќе има патека и сл. Забораваме дека една од најглавните работи, функции што ги имаат дрвјата е да направат сенка. Спречуваат директно сончево зрачење, особено ултравиолетовото“, вели Симовски.
Дополнително, дециден е дека се заборават функционалните единици дека научно треба да се направи микрозонирање на паркот.
„Mикрозонирање значи дека одредени видови со слични и исти еколошки карактеристики треба да направат одредена целина. Тоа, речиси никаде не се почитува, а ние како наставно научен кадар прво го забележуваме. Може да изгледа најубаво, меѓутоа е погрешно според учебник“, вели Симовски.
Урбаниот дендролог е дециден дека иако граѓаните имаат желба да помогнат, треба многу да се внимаваат што и каде се сади.
„Како што чинителите треба да внимаваат на изборот на видови, мора да внимаваат и граѓаните, да ја имаме онаа одговорност која што тие ја немаат. Треба да знаеме што каде и како се сади, сепак внимавајќи дека видовите се одредуваат, тоа е цела наука, според намената и локацијата“, дециден е Симовски.
Арбористот Дејан Илиевски го започна својот говор со примерот на, како што рече, веројатно најзелениот град на светот – Припјат.
„Може да сфатите зошто е толку зелено. За жал ги нема луѓето, но ако ги тргнеме луѓето, природата се враќа. Кога сме доаѓале како племиња некогаш ова сме го затекле, природа. Но заради улици, инсталации, толку многу дрвја ни сметале и сме ги поништиле“, вели тој.
Целосниот век на едно дрво може да трае стотици години, вели тој, а наша цел е тоа да му се овозможи на дрвото.
Според него, во урбана и градска средина тоа не е лесно, особено во онаа фаза кога дрвото физиолошки е потполно зрело, не почнало да старее.
„Тогаш е најкорисно. Тоа е како со луѓето слично, кога сме физички развиени, има еден период од животот кога чувствуваме дека најмногу даваме. Па, колку што е можно подолго тоа да трае, нас ни требаат големи дрвја. Садења дрвца и слично, се’ е тоа фино, но големи дрва, најкорисни се во градска средина. Всушност, за живиот свет ни требаат сите овие дрва, и стари и полумртви, па и мртви. Развиениот свет сфатил дека најважно нешто во зеленилото, во животната средина се дрвјата, и тоа големите“, вели Илиевски.
„Цвеќенца, патеки, љуљашки, во ред, но дрвјата се костурот на зелената површина, тоа ни е најважното и никако не смееме да го изгубиме и што е можно подолго треба да го зачуваме“, додаде Илиевски.
Независниот советник во Град Скопје на Зелен хуман град Горјан Јовановски се осврна на некои од работите на кои работеле за зачувување на урбаното зеленило.
Тој посочи дека Град Скопје има зелен катастар, чија цел е да се мапира целото зеленило.
„Секоја зелена површина, секое дрво, со регистарско бројче, слика, вид, здравствена состојба, години, значи да има целосна база како ни изгледа зеленилото. Затоа што утре кога ќе дојде ‘Мирко’ и ќе рече ‘јас сакам да градам овде, и овие се сите болни дрвја и сечи ги што’, имаме зелен катастар, не се болни дрвјата, нема сечи, нема дозвола“, рече Јовановски.
Советникот во Град Скопје истакна дека катастарот е далеку од довршен и дека во него фалат големи површини во Скопје. Дополнително, тој објаснува дека и честопати во Советот притискаат за негово буџетирање.
„Но, едната барем добра вест, нешто што се ‘испотепавме’ внатре да го направиме е resenija.mk. Град Скопје е единствениот орган кој издава дозволи за интервенција во зеленило. Го натеравме Град Скопје да мора да ги објавува јавно сите вакви дозволи во рамките на Град Скопје, 15 дена пред да стапат во сила. Без разлика дали сте од или вон Скопје, имате право во тие 15 дена да поднесете жалба до Министерството за животна средина, за да се стопира таа дозвола се’ додека не се реши жалбата“, рече Јовановски.
Според него, на овој начин граѓаните можат да се вклучат и да го чуваат зеленилото, барем во нивните населби.
„Па ако имаме доволно луѓе, секој што ќе чува во нашите населби – ќе го покриеме Скопје. Ова е само прв чекор. Имам еден сајт кој што го водам – mojgrad.mk, каде што го дигитализирам Советот, работата, сите документи и чуда кој што треба градот да ги прави. Идејата ми е овие издадени решенија да пробаме да ги влечеме, да ги мапираме. Ако некако успеам автоматски имињата на улиците да ги пронаоѓам на мапа, па вие да се претплатите на сајтот, за да ви стига и нотификација“, рече Јовановски.
Дециден е дека ваквата идејата е со помош на технологијата да се зачува зеленилото.
Мартин Колоски