Автори на победничките постери на шестиот „Скопје постер конкурс“ и добитници на подеднакво признание (500 евра или гостување во Скопје со авторска изложба) се Ахмад Дерекхшандех од Иран, Маја Стојановиќ од Босна и Херцеговина и Ана Гизела Варга од Унгарија.
Како што соопшти Здружението „Плакарт“, организатор на меѓународниот конкурс за студентски плакат, признание доби и студент по графички дизајн од Македонија Томи Џуровски, како и студенти од Јужна Кореја, Канада, Турција, Украина и од САД.
Изложбата на студентски плакати, годинава на тема „Citizen2020“, беше отворена во МКЦ на 4 ноември и ќе трае до 14 ноември. Покрај неа, има и предавања и работилници на графичките дизајнери кои се и членови на жирито Мирко Илиќ, Франсоа Каспар и Небојша Гелевски.
„Во изминатите шест години од постоењето „Плакарт“ работи на поттикнување на размената на искуства на домашните и странските дизајнери и на креирање оригинална културна понуда во државата“, велат од „Плакарт“.