На социјалните мрежи се шири повик за бојкот на маркетите во петок

Преку социјалните мрежи во последните два дена се шири повик за бојкот на маркетите низ земјава во петок, поради високите цени на храната. На социјалните мрежи се проширија и две илустрации со кои се повикува на бојкот на 31 јануари (петок).

 

Илустрациите кои се проширија на социјалните мрежи

На Фејсбук веќе може да се најде и група која досега брои над 300 луѓе насловена „Бојкот! Стоп за високите цени на храната!“.

„Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити“, пишува во описот на новоформираната група.

Повикот за бојкот масовно се споделува и на социјалната мрежа X.

Ваквиот повик доаѓа по успешната масовна акција на бојкот во Хрватска на 24 јануари. Уште еден бојкот на маркетите во Хрватска е најавен и за овој петок. Ист ваков повик за бојкот во петок се шири и во Босна и Херцеговина и во Црна Гора.