На тетовската библиотеката ѝ пристигна неприфатливо решение да ги напушти просториите

Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ примила решение да ги ослободи актуелните простории каде што се наоѓаат и да се преместат на Факултетот за музичка уметност. Причина за ова е што просториите каде што моментално се наоѓа библиотеката, ќе се дадат на користење на Делегацијата на Европската Унија за Јуроп Хаус во Тетово. Од Министерството за култура велат дека просториите нема да го нарушат нормалното функционирање на институцијата, додека за библиотеката оваа одлука е неприфатлива, бидејќи условите во новите простории не ги исполнуваат условите за нормално функционирање, пишува Порталб.мк, а пренесува Мета.мк.

Ова и претходно беше најавено, но сега веќе тие примиле одлука од страна на Домот на културата, дека треба да ги напуштат просториите и да се преместат во просториите на Факултетот за уметност, кои со Одлука на Влада и на Министерството за култура се дадени на користење на библиотеката.

Директорката на Библиотеката, Резарта Исмаили за Порталб.мк вели дека не се согласуваат со оваа одлука бидејќи новите простории не се предвидени за функционирање на библиотека. Таа вели дека ќе настојуваат да не ги напуштат просториите.

„Првично пристигна одлуката од страна на Владата за да ни се дадат на користење просториите кои досега ги користел Факултетот за музичка уметност (како што и се планираше). Истата одлука денес дојде и од страна на Министерството за култура. Денес пристигна Одлука и од страна на Домот на културата за да ги ослободиме актуелните простории. Нормално дека ние не се согласуваме бидејќи условите во новите простории не се за функционирање на библиотеката. Ќе настојуваме да не ги напуштиме актуелните простории. За жал, Министерството за култура не гледа за разумно да побара наше мислење, немаме никаква службена комуникација од страна на министерството освен комуницирањето што се врши преку Домот на културата“, рече Исмаили.

На овие документи може да се види и одлуката на Владата за давање на новите простории на библиотеката како и одлуката на Домот на културата за библиотеката за нивно ослободување.

Одлуката за давање на просториите на Тетовската библиотека
Одлука за ослободување на просториите на Тетовската библиотека

Од Министерството за култура, пак велат дека нема да се наруши нормалното функционирање на библиотеката.

„Владата донела Одлука со која Библиотеката „Кочо Рацин“ – Тетово останува во објектот во кој се наоѓа моментално во Центарот за култура – Тетово, само ги менува просториите. Ова не го нарушува нормалното функционирање на институцијата бидејќи станува збор за простории со површина приближно иста со просториите каде што се наоѓаше Библиотеката досега“, рекоа од Министерството за култура за Порталб.мк.

Просториите во кои треба да се премести библиотеката се помали од просториите во кои сега функционира истата. Секогаш од страна на библиотеката имало изразено незадоволство и потреба за подобри и поголеми простории, бидејќи и бројот на наслови што ги поседува е голем – над 33 илјади наслови и преку 88 илјади книги со над 5 илјади читатели.

Според библиотеката, трансферот во новите простории ќе ѝ оневозможи на оваа институција да ги реализира нејзините активности како важен културен, едукативен и информативен центар.

Од страна на библиотеката велат дека можеби според квадратни метри просториите се исти, но станува збор за поделени училници, додека просторијата каде што моментално се наоѓа библиотеката е заедничка просторија. Во новите простории би била оневозможена соработката меѓу делот за деца и за возрасни, а просторијата има и скали, што е проблем за лицата со посебни потреби.

Проблемот би бил многу лесно решлив доколку институциите, конкретно Министерството за култура би ги забрзало активностите за завршување на новиот објект на театарот и библиотеката во Тетово, но истите се одолговлекуваат со години.

Во јануари годинава, Порталб.мк пишуваше дека новиот објект на театарот и библиотеката во Тетово се ветува 12 години, се градат 9 години и според прогнозите, сè уште не се знае кога ќе има реализација, имајќи го предвид фактот дека често има одолговлекување на работите. Доколку навистина се реализира како што се ветува, овој објект од огромна важност за културата во Тетово, ќе ги отвори вратите 17 години по даденото ветување.

Библиотеката и театарот во Тетово функционираат во простории на Домот на културата без најсоодветни услови за работа. Поради ова, тие години наназад го изразуваат нивното незадоволство и честопати и разочарување, бидејќи работите за новиот се влечат со години.

Изградбата на Центарот за култура во Тетово беше ветена уште на 6 октомври 2010 година, кога тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска го презентираше идејното решение за изгледот на мултифункционалниот театар, што ќе нуди театар, кино и библиотека. Камен-темелникот за изградба на овој објект беше фрлен на 28 ноември 2014 година. Работите течеа многу бавно и со многу проблеми, а од страна на Порталб беа документирани години наназад.