На ТикТок му се заканува забрана во САД

Американскиот федерален апелационен суд го потврди законот според кој кинеската фирма „ByteDance“ мора да се откаже од својата популарна апликација ТикТок во Соединетите американски држави (САД) до почетокот на следната година или ќе се соочи со забрана, пренесува Ал Џазира Балканс.

Пресудата може да се обжали до Врховниот суд или до целосниот совет на Апелациониот суд.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој го потпиша законот во април, може да даде еднократно продолжување до 90 дена, но само ако „ByteDance“ направи значителен напредок во наоѓањето купувач. Доколку Бајден не го продолжи рокот, одлуката на судот ќе доведе до забрана на ТикТок на 19 јануари.

Министерството за правда на САД вели дека ТикТок во кинеска сопственост претставува сериозна закана за националната безбедност поради пристапот до големи количини на лични податоци на Американците, тврдејќи дека Кина може тајно да манипулира со информациите што Американците ги консумираат преку ТикТок.

ТикТок и „ByteDance“ се спротивставуваат дека законот е неуставен и ги крши правата на слободата на говорот на Американците. Тие го опишуваат како „радикално отстапување од традицијата на оваа земја да се залага за отворен интернет“.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој неуспешно се обиде да го забрани ТикТок за време на неговиот прв мандат во 2020 година, пред изборите во ноември изјави дека нема да дозволи ТикТок, кој го користат 170 милиони Американци, да биде забранет.