Оваа среда се одбележува Националниот ден на немање безбедна патека при градба. Најпригодна локација за одбележување на овој настан според „На Точак“ е крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и „8 Септември“ бидејќи како што велат од иницијативата, градските власти ништо не презеле за подобрување на условите за велосипедистите.
„Оваа дупка е избрана како место на славјето зашто и покрај сите пријави во последните 5 месеци да се обележи местото со соодветна сигнализација и навреме да се пренасочи велосипедскиот сообраќај, за да биде безбедно за сите, градските служби достоаја цврсто на своите заложби за Скопје адреналински вело-град. Исто така, на просторот на велосипедската патека се поставуваат инсталации за некаков објект кој дополнително ќе ни го разигра движењето при свртувањето на кривината.
Едвај чекаме да си возиме слалом!“, велат иронично од „На Точак“.
„Секогаш кога ненајавено ќе наидеме на прекопана патека преку која не може да се премине, ја имаме таа среќа да воскликнеме од изненадување. И да посакаме да имаме крилја!
Нашето движење низ градот е превозбудливо и преполно со вакви изненадувања. Нашиот град многу добро се грижи да не ни биде досадно, да мора цело време да бидеме на штрек и да ја преобмислуваме нашата патека. Да не знаеш дали да се враќаш назад до првата крстосница или да се симнуваш долу на коловоз каде се вози и со 100 на саат, изборот е навистина адреналински. Особено е интересно ако сте со некакви тркала, па треба да треснувате од рабникот врз небезбедниот коловоз, па по одминувањето на дупката да треба да се качувате горе преку висок рабник пак“, стои во најавата за настанот.
Тие ги повикуваат сите пешаци, велосипедисти, родители со детски колички, лица кои се движат со помош на колички да се соберат и заеднички да го одбележат.
Оттаму нагласуваат дека во државата не постои регулатива, односно правилници за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, без разлика дали се работи заради изградба на објекти, заради промена на инсталации или заради дефект.
„Нема регулатива ни за насочување на автомобилскиот сообраќај во случај на градежни работи, но сепак во најголем број случаи се поставуваат барем знаци и насочувачи. Најверојатно бидејќи автомобилскиот сообраќај го сметаат за единствениот тип копнен сообраќај, за разлика од погоре набројаните (пешачки, велосипедски итн) кои веројатно ги сметаат за воздушен сообраќај“, велат од „На Точак“.
Од иницијативата ги повикуваат граѓаните да си донесат своерачна „честитка“ за овој празник.