Неполн месец откако беа поставени новите модерни контејнери на Град Скопје, а веќе се појавија проблеми.
Поради тоа што се статични, тие мора да се постават на локации лесно пристапни за камионите што ги празнат – што во случајов се токму главните велосипедски рути што беа неодамна реконструирани и ослободени, реагираат од иницијативата На Точак.
Тие упатија допис до Град Скопје во кој прашуваат како и кој одлучувал за набавката и поставувањето на контејнерите.
„Нивната поставеност сега го намалува просторот за движење и предизвикува сериозни проблеми во мобилноста на пешаците, велосипедите, лицата со ограничена мобилност и лицата со инвалидитет (слики на стр. 3 и 4). Сето ова е спротивно на целите од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021, укажува или на конфликти помеѓу различните плански документи при нивната реализација или на непочитување на стандарди, но и на недоволна комуникација меѓу надлежните сектори и лица“, стои во дописот од иницијативата.
Тие потсетуваат дека еден од најчесто посочуваните проблеми се однесуваат токму за велосипедските патеки и нивното узурпирање од возила, семафорите, билбордите, како и лошиот дизајн на точките на среќавање со другиот сообраќај, автобуските постојки, местата каде пешаците чекаат на семафор и крстосниците.
„Во сите овие случаи, не поради другите учесници во сообраќајот, туку поради недоосмислените и неспроведени решенија, движењето со велосипед станува некомотно, од праволиниско, станува слаломско“, оценуваат од На Точак.
Според нив, следната фаза кон унапредување на велосипедскиот сообраќај, треба да ги реши овие слаби точки, а не да се креираат нови.
„Во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 стои: “Добрата и квалитетната инфраструктура за велосипедски сообраќај е клучна за зголемување на користењето на велосипедот. Мерките од оваа област треба да резултираат со насоки и стандарди за велосипедска инфраструктура, обезбедување на висококвалитетна, безбедна, комфорна и добро поврзана велосипедска мрежа“, потсетуваат од На Точак.