Велосипедистите од иницијативата „На Точак“ реагираат на реконструкцијата на улицата „Столтенбергова“ за која Општина Центар пред два дена информираше дека вградената коцка-калдрма се заменува со нов асфалт.
„Можат ли Општина Центар – Скопје и градоначалникот Горан Герасимовски да наведат некој пример/студија на случај од светот каде се менува историска калдрма во централно градско подрачје со изговор: зголемување на безбедноста?!?! Ние можеме да наведеме и конкретни локации, и извадоци од правилници каде се прави обратното: асфалтот се менува со поплочување, со калдрма, со тули, со плочки за да им укаже на возачите дека треба да успорат, дека просторот не е само нивен! Ова е една од главните мерки за безбедноста која се применува во Холандија, во Данска, во Лондон, во Лисабон, Париз, Осло… Улиците кои не се главни сообраќајници имаат поинаков третман и поинаква обработка со материјали!“, пишуваат активистите во објавата на Фејбсук.
Покрај реакцијата за започнатите градежни зафати на Столтенбергова која ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар, иницијативата изнесе и други барања за улицата:
Да се обезбеди пешачкото движење со издвоен тротоар барем од страната на стадионот каде се точките од интерес (различни дуќани, маркет, деловни простори итн.), а по можност и од страната на Градски парк. Моментално скалиштата од Градски парк кон стадионот удираат во паркинг! Со тоа и ќе се обезбедат пешаците и ќе се стесни преширокиот коловоз на кој се вози пребрзо и покрај калдрмата. Можеме да замислиме што ќе се случи ако само калдрмата се замени со асфалт! Наместо побезбедна средина, ќе се добие уште понебезбедна!
Да се обезбедат пристапни рампи кон пешачката патека на насипот. Моментално луѓето туркаат точаци по импровизирани земјени патеки, а луѓето со колички треба да се движат дури до Ленинова на исток или Луна паркот на запад (каде што има рампи) и да се враќаат назад ако сакаат да пристапат од Паркот до Стадион или обратно. Сулудо и дискриминирачки!
После средувањето на долните слоеви, да се врати и преуреди гранитната коцка! Таа помага во регулирање на брзината на возилата, впива повеќе атмосферски води од асфалтот и му дава шмек на просторот!
Покрај враќањето на коцката, да се размисли и за дополнителни начини на смирување на сообраќајот. Ова е простор каде сообраќајот не треба да се одвива со голема брзина, и предност треба да имаат ЛУЃЕТО и безбедноста.
„Не прифаќаме: реконструкција без решение за пешачкото движење, без пристапност, без смирување на сообраќајот и само со турање асфалт! Скопје заслужува вистински квалитетни реконструкции, а не само турање асфалт и штиклирање – завршено!“, се наведува во реакцијата.
Од Општина Центар во неделата соопштија дека реконструкцијата е резултат на соработката со Град Скопје.