На најстариот и најголем универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) денеска и утре ќе се спроведе пријавување во првиот уписен рок за додипломски студии во академската 2014/2015 година.
Слободни се вкупно 10.048 места, од кои за редовни студенти во државна квота 5.771 места, за редовни со кофинансирање на студиите слободни се 3.267 и за вонредни студенти 1.010 места.
Резултатите од пријавувањето и успехот во средно образование ќе бидат објавени на 19 август, а запишувањето на кандидатите ќе биде на 25-ти и 26 август.
Вториот уписен рок на УКИМ ќе биде на 3 септември, а третиот рок (на факултетите на кои ќе има слободни места) е на 16 септември.
Пријавувањето во првиот рок денеска и утре почнува и на Универзитетот за информатички науки и технологија „Св. Апостол Павле“ – Охрид, а вчера почна на универзитетите „Св. Климент Охридски“ – Битола и „Гоце Делчев“ – Штип.
На Државниот универзитет во Тетово пријавувањето во првиот уписен рок ќе се реализира идната седмица, од 19-ти до 22 август.
На сите пет државни универзитети слободни се вкупно 24.121 места за идни студенти. Тие што ќе се запишат во државната квота ќе плаќаат по 200 евра, односно 100 евра на дисперзираните студии, а кофинансирањето и цената за вонредни студенти е 400 евра.