На почетната страница на сајтот на Македонски железници транспорт (МЗТ) денеска може да се забележи текст со линк „Adobe Photoshop CS6 Free Download Full Version for Windows 7 32 Bit“ кој води до веб-страницата „Cracky Softs“ каде се тврди дека може бесплатно да се симне пиратска верзија Фотошоп.
Дополнително, во дел од текстот каде што се објаснува дека МЗТ „нуди логистички услуги во областа на конвенционалниот транспорт на вагони и контејнери низ пругите во Македонија и во странство“, додаден е линк насловен „ıdm 6.32 crack“ кој води до друга веб-страница „Piratewares“, каде што се тврди дека бесплатно може да се симне апликацијата „Internet Download Manager“.
Веб-страниците до кои водат линковите на сајтот на МЗТ
Линковите можат да се забележат на верзијата на сајтот на македонски, но не и на албански јазик.
На веб-страниците „Cracky Softs“ и „Piratewares“ до кои водат линковите од сајтот на МЗТ, можат да се најдат многубројни пиратски содржини, односно дупликати на апликации кои се дистрибуираат без одобрение на тие што ги создале.
Веб-страницата на МЗТ кон крајот на јули беше недостапна за интернет-корисниците, а нив ги пречекуваше главна порака „Сметката е суспендирана“. Истовремено, во пораката се наведуваше „Контактирајте го вашиот хостинг провајдер за повеќе информации“. Со ваква порака, хостинг провајдерите обично ги известуваат нивните корисниците дека нивната веб-страница е привремено недостапна, а тоа може да се случи поради различни причини.
Мартин Колоски