Во светот на видеоиграта Роболокс околу стотина коцкести аватари маршираат низ слабо осветлена улица веејќи знамиња на Палестина. Карактерите, облечени како цртани диносауруси, зомбија или поп ѕвезди извикуваат слогани на малезијски и англиски додека стигаат на сцената каде лидерите на овој Роболокс сервер стојат заедно и објавуваат кога ќе се одржи следниот „пикселизиран“ марш.
Децата се вклучуваат во протести за поддршка на Палестина на видеоиграта во текот на војната помеѓу Израел и Хамас. Виртуелните протести биле посетени повеќе од 275.000 пати.
„Се сеќавам кога луѓето одржуваа настани за солидарност на „Minecraft“, или на „Club Penguin“ пред да се затвори и слушав за луѓе кои организираа демонстрации на „Animal Crossing“. Така што, користењето на овие платформи не е изненадувачко, но и понатаму носи неочекувано чувство на радост кога луѓето ја користат секоја можност која им е на располагање за да покажат солидарност со некое движење – за „Black Lives Matter“, за Палестина, за правда“, објаснува за ТечКранч 23 годишната девојка која во играта се претставува под псевдонимот „Salsabeel“.
Ова се неочекувани протести во детска игра, но колку што расте бројот на корисниците на платформата толку повеќе го имитира надворешниот свет.
За време на карантините поради пандемијата повеќе од половина од сите тинејџери во САД играа Роболокс, масовна онлајн игра која овозможува корисниците да направат свои сервери и социјални искуства. Дури и по враќањето во училиштата играта остана неверојатно популарна со преку 65 милиони активни корисници дневно. Но, во време на криза, играта може да послужи и како место каде младите луѓе безбедно можат да се вклучат во политички активности и да учат за светските настани.
„Иако нашите правила овозможуваат изразување солидарност, ние не дозволуваме прикажување содржини со кои се охрабрува или одобрува насилство, промовира тероризам или омраза кон поединци или групи, или пак повици за поддршка на специфична политичка партија. Имаме експертски тим на илјадници модератори, кои заедно со алатките за автоматско детектирање ја мониторираат платформата и преземаат брзи акции против содржините и поединците кои ги прекршуваат правилата за однесување“, изјавиле од Роболокс за Си-Ен-Би-Си.
Протестите следат по големиот број убиства и деструкција во Израел и Газа. На 7 октомври, палестинската милитантна организација Хамас одржа напад во близина на границата меѓу Израел и Газа, во кој беа убиени цивили и беа земени заложници. Израел прогласи војна против Хамас и започна голема акција за пресметка со организацијата. Досега во војната се убиени повеќе од 1.400 Израелци, додека повеќе од 6.600 луѓе се убиени во Газа и Западниот Брег.