Замислете, организирате забава и никој не се појавува. Додека ова е кошмар за секој што организира некаков настан, замислете дека и организацијата чинела околу 400.000 евра.
Претходнo неделава, Одделот за надворешна помош на Европската комисија организираше забава во „метаверзумот“ за да ги запознае младите со својата работа. Според досегашните објави, само шест лица присуствувале на настанот, пренесува „Euronews“.
Одделот потрошил 387.000 евра за својата метаверзум платформа, дизајнирана со цел да се промовира ЕУ иницијативата „Глобална порта“. Во меѓувреме, Одделот работи на финансиска поддршка на земји ширум светот и цели да ја намали сиромаштијата во земјите или пак да придонесе кон финансирање на националните климатски мерки.
Концептот зад забавата бил навидум едноставен – да се едуцираат младите за иницијативата, како и тие да научат нешто повеќе за функционирањето на ЕУ.
Портпаролот на Европската комисија за „Euronews“ истакнал дека целната група за настанот биле млади лица од 18 до 35 години кои имаат неутрален став кон ЕУ и генерално, не се гласни за политичките проблеми.
Рекламирана како „24 часовна забава на плажа“ со тропски пејсажи, забавата привлекла шест посетители. Сепак од портпаролот на Европската Комисија изјавил дека на онлајн настанот се вклучиле повеќе лица.
„Нашите статистики покажуваат дека 300 лица се вклучиле на забавата, а генералниот број на посетители на ЕУ ‘метаверзумот’ за тој ден е 5000. Сметаме дека ‘метаверзумот’ е иновативен пристап до младите кои не читаат весници ниту онлајн медиуми“, нагласил портпаролот.